Пандемијата го смени начинот на живот

Пандемијата на коронавирусот во Велика Британија придонесе сѐ повеќе средовечни луѓе да се враќаат кај своите родители, велат стручњаците. Причините се различни, од позитивни, возрасни деца што се грижат нивните родители да имаат грижа и друштво во текот на изолацијата, до негативни, вклучувајќи финансиски проблеми или прекин на љубовни врски.
– Пандемијата драматично го смени начинот на кој денес многумина живеат – вели за „Гардијан“, Стјуарт Луис, основач на дигитална заедница на луѓе на возраст од 50 и повеќе години.
Тој додава дека извесен број негови членови се вратиле во домовите на своите родители во текот на пандемијата. За многумина враќањето дома било позитивно искуство. Ема Еган, 56-годишна учителка од Њу Малден, изјавила дека преселбата во домот на родителите по распаѓањето на нејзиниот брак е благослов.
– Поминавме прекрасно време заедно во текот на изолацијата. Сега живееме заедно затоа што навистина уживам во заедничкиот живот. Кога ќе си заминам, ужасно ќе ми недостигаат. Тие се мои родители и мои вистински пријатели, тие се најдобрите луѓе што ги познавам – изјавила таа.
Џим Џексон вели дека враќањето дома за него било позитивно искуство. Креативниот директор (61) и неговата сопруга се вратиле во домот на неговите родители откако нивните деца си отишле од дома, а тој ја загубил работата.
– Знаејќи дека нема да ми биде лесно да најдам нова работа на 61 година, со сопругата одлучивме дека најдобро би било да го продадеме својот стан за да се ослободиме од хипотеката и се вселивме во сутеренот на моите родители. Времето без притисок од поседување на куќата ми овозможи целото време да го посветам во пронаоѓање нова работа. А таа, пак, ми овозможи да купам нов стан на само 10 минути од куќата на мојата мајка, која стана вдовица по смртта на татко ми – изјавил тој.
Финансиските проблеми се најважна причина зошто постарите Британци се враќаат во родните куќи. Според некои анализи, во Велика Британија повеќе од 355.000 лица постари од 50 години се невработени, а 31.000 биле отпуштени само во периодот од мај до јули, според податоците на Канцеларијата за национална статистика.

Со растечката инфлација и зголемените сметки за струја, идејата за поделба на трошоците на животот би можела да биде привлечна за повеќето лица постари од 55 и повеќе години, кои ризикуваат да останат без работа поради дискриминација врз основа на старост, доколку работодавецот го одлучи тоа, наведува „Гардијан“.
Ленс Рамболт (54), компјутерски консултант, се вселил во куќата на својата мајка откако неговата врска била прекината поради пандемијата, а тој западнал во долгови.
– На мајка ми тоа ѝ се допаѓа бидејќи моите деца постојано доаѓаат, а таа сака да ги гледа почесто. Сепак, копнеам по мојот простор, но сега можам да си ги исплатам долговите, па планирам да се иселам следната година – изјавил Рамболт.
Поли Нит, извршна директорка на добротворна организација за бездомништво и станбено згрижување „Шелтер“, вели дека поради намалените приходи, поради губење на работата или прекин на емотивните врски, некои постари луѓе „едвај останале во своите домови во текот на пандемијата“.

– На постарите луѓе им е особено тешко да го избегнат бездомништвото, зашто им се заканува опасност од долготрајна невработеност. Сѐ поголемите животни трошоци и намалувањето на универзалните кредити само го отежнуваат сето тоа – изјавила таа.
За Ијан О’Саливен, 56-годишен библиотекар, кој се вратил кај родителите по разводот, искуството било „горчливо-слатко“.
– Изнајмувањето стан со мојата плата не беше опција, но имав голема среќа што во домот на моите родители имаше простор за мене. Кога завладеа пандемијата, бев на целосен одмор, па сето ова се покажа многу корисно, бидејќи значеше дека можев да се грижам за родителите и да сум сигурен дека ќе бидат сосема изолирани – вели Ијан.
Но, според него, работите драматично се промениле по напредувањето на изолацијата.
– Недоволното вежбање имаше негативно влијание врз нив и до крајот на заклучувањето беше очигледно дека им е потребна помош, па сега не ни можам да си заминам. Она што почна како привремен ангажман стана трајна состојба. Единствена утеха имам во тоа дека, ете, успеав да им помогнам на своите родители – откри О’Саливен за „Гардијан“.