Фото: Маја Јаневска-Илиева

Египет е квалитетна селекција, а тоа го покажаа и сега на ЛОИ во Токио, тактички игра добро и ракометарите се мошне дисциплинирани во исполнувањето на своите задачи, вели репрезентативното крило Георгиевски, пред тест-мечевите в петок и в сабота со Египет во Каиро

РАКОМЕТ – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ДВОМЕЧОТ СО ЕГИПЕТ И ЗА НАСТАПОТ НА ЕП 2022

Македонската машка ракометна репрезентација вчера го одржа првиот заеднички тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, за претстојниот пријателски двомеч со шампионот на Африка, Египет, во Каиро, в петок и в сабота.
– По подолго време повторно се собравме. Првиот тренинг помина добро, работевме некои нови тактички варијанти во нападот, а посебен акцент беше ставен на играта во одбрана, за она што и ќе нѐ очекува на Европското првенство во јануари. Египет добро го познаваме, како и нивниот селектор Роберто Парондо. Египет е квалитетна селекција, а тоа го покажа и на Летните олимписки игри во Токио, тактички египетските ракометари добро играат и се мошне дисциплинирани во исполнувањето на своите задачи. Веќе гледавме некои видеоматеријали од нивните игри, па очекувам добри натпревари и да ги одработиме оние тактички задачи што ќе ни ги предочи селекторот Кирил Лазаров.

Нормално императивот секогаш е победа, па така и на овие дуели – вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски.
Што се однесува до претстојното Европско првенство во Словачка и во Унгарија, Георгиевски е оптимист.
– Словенија, Данска и Црна Гора, сите три селекции ни се добро познати, со нив многу често сме играле, на ЕП, СП или во пријателски средби, но секако и тие многу добро нѐ познаваат нас и нашата игра. Сега е изменет системот на натпревари на ЕП, па наместо првите три од групата, сега во втората фаза одат првите две селекции. Голем хендикеп за репрезентацијата е неиграњето на повредениот Дејан Манасков, но јас сум оптимист и верувам во моите соиграчи и во нашата игра – ни изјави Георгиевски.