Од македонската литература за деца: „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески

Рано во воденицата, Трајче и мајка му станаа. Станаа и Евто и снаа му. Евто го одврза магарчето и со снаа му отиде горе кон кошарите. Трајче и мајка му го зедоа Дорча и се упатија кон Мацково.
Мацково беше празно, пусто и жално. Наоколу разурнати ѕидишта, попалени плевни, искршени и изгорени плотови… Просто не личеше на она поранешното Мацково. Трајче го врза Дорча во гумното и со мајка си влегоа во изгорената куќа. Отсекаде се носеше миризба на чад и саѓи. Мајка му почна да ги крши прстите и да плаче.
– Молчи мајко, не плачи – ја утешуваше тој.
– Не е лесно синко, не е! – продолжи да жали мајка му.
– Знам, не е лесно, но мора да се трпи. Не ли чу што рече сношти Горјан? „Ќе направиме нови куќи, ќе отвориме ново училиште“.
– Умно зборуваш синко, но ајде да видиме што станало со скривницата – рече мајка му. – Побарај една лопата.
Трајче се растрча околу куќата и најде лопата. Ја разгрна пепелта. Во кошот уште чадеа неколку недогорени греди. Одвај го најдоа местото каде што беше скривницата. Копнаа неколку пати и се покажаа штиците.
– Добро е! – рече мајка му.
– Значи пљачките се спасени! – додаде Трајче.
Скривницата беше длабоко ископана во земјата. Згора имаше штици, а над штиците доста земја, така што огнот не можеше да ги изгори.
– Танејце, Танејце! – извика некој во дворот. Трајче и мајка му истрчаа надвор. Во дворот стоеше Евто.

– Што си ги скрстила рацете? – подвикна Евто.
– Ама, браче Евто…
– Е, де – ја прекина тој – не плаши се! Што направија? Ги изгореа болвите и дрвениците! Да сме живи ние! Нови куќи ќе направиме. Не ни е ова првпат. И во востанието нѐ запалија Турците, но пак го подигнавме Мацково.
– Ех, браче Евто! – рече Танејца.
– Трајче нека го земе Дорча – продолжи Евто – и нека дојде во Караорман. Ќе сечеме греди! Сите веќе се прибираат. Ќе правиме куќи и колиби.
– Како ќе речеш ти, така нека биде! – одговори Танејца.
Трајче го грабна секирчето, го одврза Дорча и тие тргнаа…
Од сите страни во Мацково се прибираа мажи, жени и деца. Ги разурнуваа изгорените родни огништа и вадеа што не можело да изгори: лопати, мотики, копачи, синџири, пирустии и сѐ друго од железо.
Некој на рамо, некој со волови влечкаа во селото греди и дрвја за да ги поправат пак куќите. Нивјето беа пожнеани, а снопјето лежеа на нивјето. ‘Ржаните снопје ги чукаа и сламата пак ја врзуваа во снопје и ги чуваа за покривање на изгорените куќи.
Селаните од Мацково едни на други си помагаа во работата, се собираа во кошарите и се советуваа. Некоја чудна и цврста рака ги сврзуваше и ги правеше да бидат сложни.
Повеќе од половина село беше растурено и сместено по кошарите, кои беа раштркани по зелените падини на Караорман. Добитокот дење пасеше по планината и по ридиштата, а ноќе овчарите го прибираа по кошарите и трлата.
Животот, иако не како понапред, пак почна да тече…