Американската федерална агенција за спроведување на законот и Европол објавија дека извршиле десетици апсења со цел да се запре глобалната операција на продажба на дрога преку магливо опкружување на интернет наречено „даркнет“.
На прес-конференцијата на Министерството за правда во Вашингтон властите рекоа дека уапсиле 150 луѓе за наводно продавање недозволени дроги и лекови преку „даркнет“, вклучително и фалсификувани опиоиди кои вообичаено се издаваат на рецепт и кокаин. Обвинетите, наводно, направиле десетици илјади нелегални продажби користејќи дел од интернет кој е достапен само со помош на специјализирани алатки за анонимност.
Десетмесечната мрежна операција „Операција Хантор“, именувана по алатките за шифрирање на интернет, резултираше со запленување на 234 килограми дрога, вклучувајќи амфетамини, кокаин и опиоиди во вредност од над 31 милион долари, објави „Гласот на Америка“.
Официјалните лица рекоа дека меѓу запленетите лекови има и лажни апчиња кои обично се достапни на рецепт и кои содржат моќен синтетички опиоид фентанил. Фалсификуваните таблети се поврзуваат со бранот предозирања со лекови.
„Оваа меѓународна операција за спроведување на законот се прошири на три континенти и испраќа јасна порака до оние кои се кријат на ‘даркнет’ и продаваат нелегални дроги: нема мрачен интернет“, изјави заменик-јавниот обвинител на САД, Лиза Монако.
Инспекторите уапсија 65 лица во САД. Други апсења се извршени во Австралија, Бугарија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија и Обединетото Кралство.
Освен фалсификувани лекови, властите заплениле и повеќе од 200.000 таблети екстази, фентанил, оксикодон, хидрокодон и метамфетамин. Американските власти соопштија дека истрагите продолжуваат и се очекуваат нови апсења.