Премиерот Зоран Заев вчера се обрати пред Европскиот парламент по покана од неговиот претседател, Антонио Тајани. Тоа, како што истакна Заев, беше прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во ЕП.
– За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е првпат еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот мајчин јазик – рече Заев.
Премиерот Заев на европратениците и на членовите на Европската комисија им ја објасни важноста на склучувањето договор со Грција, заблагодарувајќи му се и на својот грчки колега Алексис Ципрас.
Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.
– За Република Македонија тоа е можност што толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: да создадеме реална можност да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Референдумот на 30 септември е многу повеќе отколку само референдум за договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност – истакна Заев.
Исто како и премиерот Ципрас пред два дена, и Заев посочи дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање други билатерални спорови.
– Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка за наоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ – истакна македонскиот премиер. П.Р.