Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, со вклучување во живо на Фејсбук кажа дека полициско возило го следело неколку улици, по што на улицата „Лесковачка“ го сопреле автомобилот во кој тој бил заедно со Дејан Димитриевски.
Градоначалникот се жали дека полицијата не им образложила зошто ги сопрела, задржувајќи ги петнаесеттина минути во кои бил блокиран сообраќајот на улицата „Лесковачка“.
– Објавувам вака јавно да видат сите како работи полицијата на мојот другар Оливер Спасовски. Не држат без објаснување, не ни кажуваат зошто не сопреле. Тргнав кај мојот матичен лекар. На улицата заглавен стои и автобус, сообраќајот е стопиран. Сакам да порачам дека вакви притисоци нема да успеат – вели Димитриевски.
Од Министерството за внатрешни работи по сопирањето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, велат дека за случајот е вклучен Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Од таму не ја наведуваат причината поради која бил сопрен Димитриевски и наведуваат дека нема да дозволат било каков притисок и незаконско постапување.
Полицијата утрово го сопрела возилото во кое бил Димитриевски, кој е и кандидат за втор мандат, неофицијално, оти имало затемнети стакла. Возилото било испратено на техники преглед бидејќи тоа била стандардна процедура за оние кои возат со затемнети стакла кои се забранети.
Од МВР официјално не кажуваат која била причината поради која било сопрено возилото во кое бил градоначалникот, но најавуваат истрага за случајот.
– Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „рено“, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи било каков притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата – велат од МВР.