ЕУ треба да ги реши разликите преку меѓусебни разговори, рече германската канцеларка Ангела Меркел, одговарајќи на прашањето за спорот со Полска околу владеењето на правото.
– Сите ние сме земји-членки на Европската унија, што значи дека имаме должност секогаш да се обидуваме да најдеме компромис без да се откажеме од нашите принципи. Мислам дека е време подетално да разговараме со полската влада за тоа како да се надминат проблемите – им рече Меркел на новинарите по средбата со белгискиот премиер Александар Де Крум во Брисел, пренесе „Ројтерс“.
Меркел посочи дека Европскиот суд на правдата мора одвреме -навреме да одлучува за предметите, но исто така додаде дека е загрижена за бројот на предмети што завршуваат пред највисокиот суд на ЕУ во моментов.