Леле кога ќе фатам да асфалтирам патишта, да отворам булевари, да правам кружни текови, леле како само ќе го исчистам воздухот, ќе го пошумам градот да стане позелен од Амазон, водата во реката ќе ја направам за пиење, ќе средам канализации, урбанистички хаос, сообраќаен метеж, леле како ќе кренам нови градинки, паркови, училишта, домови за старци, ќе сотрам урбана мафија, диви депонии и несериозни граѓани, море ќе протече мед и млеко по улиците.
Леле кога ќе фатам да трчам по сите патишта што ќе ги асфалтираш, да скокам од радост по булеварите што ќе ги отвориш, да си вртам крукчиња околу кружни текови, леле како само ќе дишам исчистен воздух, па ќе фатам да шетам по амазонските шуми што ќе ги посадиш, има цела вода да ја испијам од реката што ќе ја направиш пивка, леле како ќе растам во новите градинки, ќе се лапам со женски по паркови, ќе ги завршам сите тие училишта и ќе остарам во домовите за старци што ќе ги отвориш, море ќе го испијам цело млеко и ќе го излижам цел мед што ќе тече по улиците.
Ѓубре едно невоспитано, како смееш да го дишеш цел воздух и да ја испиеш цела река што ќе ја исчистам, па уште да ги излапаш и медот и млекото што ќе течат по улиците, сега ти ќе си го добиеш, безобразен низаеден… и фрас, фрас, фрас по газот.
Приказната за мајката, синот и зелникот ја знаете? Леле, сине, каков зелник ќе направам утре! Леле, мамо, цел ќе го изедам! Како, бе, цел ќе го изедеш, и фрас, фрас по газот. Ја знаете таа приказна? Ѕирнав пред некоја недела во тоа руските избори. Интересно, на Русите им се нудат четиринаесет политички опции. А сто педесет милиони народ. Кај Американците уште подрастично. Триста и кусур милиони народ, а имаат само три-четири опции. Еве, и Германциве имаа избори. Гледам седум-осум политички опции за осумдесет милиони народ. И кај нас почна кампања за локални избори. Ми велат, Скопје има дванаесет кандидати за градоначалник. Ме фати паника. Грабнав да проверувам имиња и презимиња. Откај да знам, може и јас сум кандидиран?
Цел Нордистан се кандидирал за градоначалник или советник. На парламентарни избори е уште поненормално. Секоја од двете големи коалиции има по триесет политички приврзоци. Уште триесет политички субјекти настапуваат сами. Сега јасно ви е зошто Нордистан е толку моќна политичка сила во светот? Не само воена и економска сила туку пред сè политичка.
Доста за политика. Сексот е многу поинтересна тема за пишување.
Сексот во извидничкиот камп не е од сега, туку е заборавен таму од почетокот на деведесеттите години на минатиот век, кога мојата генерација тинејџери практикуваа слушање жесток андерграунд, пиење вино и лапање, по кое секако следуваа и други интимни активности, но треба да се има предвид дека ние бевме заостанати и сексуално необразовани, за разлика од денес, кога сексот е во сопственост на Министерството за образование, како дел од програмата на новата нормалност, кога секој копиљ може да се чувствува како клинка и обратно, а родителите ги праќаат своите тинејџери на есенски бакнежи и прегратки, за да учат секс и рокенрол, знаејќи дека станува збор за интертекстуална инклузивност на европски вредности низ кои флуктуира родова и трансродова интеграција на природните, телесните и музичките афинитети на поединецот во однос на културниот, општествениот и сексуалниот диверзитет на групата, без да знаат дека може некој да заборави нешто таму, како што се заборава дрога во гепек на возило на МВР. Во таков случај најдобро е сите инволвирани, вклучувајќи ги и родителите, веднаш да се фатат за религиозен пилатес, односно експресно перење раце во стилот на Понтиј Пилат, оти глупо е да се посочува прст кон невладини организации и Град Скопје (каде што се напикани едночудо енџио-активисти), затоа што тие отсекогаш биле урбано граѓанство луѓенца, кои само добро му прават на нашето Скопјенце, за разлика од некои заостанати сељачишта. А боење полови органи, пеење во долна облека и симулација на секс-пози звучи баш кул, енџиовски и европски, додека на некој родител не му текне дека е глупо со интимата на неговиот тинејџер или тинејџерка да се занимаваат возрасни активисти и инструктори, па она што до вчера беше можна програма за сексуална едукација, наеднаш станува форма на педофилија, оти, нели, ем избори ем религиозен пилатес, односно експресно перење раце во стилот на прокураторот Пилат.
Затоа, најверојатно ќе настрада само извидничкиот одред, кој, патем, постои од времето на Титова Југославија, а сите знаеме дека Тито беше една будала што сака да измислува Македонци, извиднички кампови и работни акции, каде што меѓу другото има и секс, ама во заостаната форма, оти ги немале модерните сексуални образовни програми на новата нормалност. Оттука, јасно е дека, како и со издавањето државјанства на белосветски криминалци, горењето на живи луѓе во модуларна болница, шверцувањето дрога од страна на полиција, одговорноста ќе падне само врз оние споредни ликови што немаат моќ зад себе да ги заштити, иако, секако, алчни за грант биле дел од срањето, наместо вината да се бара во целокупниот систем од политичари, странски спонзори и домашни активисти спонзоруши, кои инсталираат нова нормалност, силувајќи го општеството со бесмислената флоскула наметнување европски вредности.
Но сиот овој општествен софтпорн ми е интересен колку и нахсинхронизирана сапуница, оти мене како типичен припадник на генерацијата неандерталци сексуално образовани од професорката Трејси Лордс, како и преку слики и текстови од учебниците на „Вручи Кај“, но и лични интимни искуства со врснички, поддржани од жесток андерграунд и евтино вино, многу повеќе ме привлекува хардкор-порно. Затоа и сакам да пишувам за младата и наивна комерцијална сексуална работничка држава Нордистан, која си мислеше дека животот е еротска приказна извадена од фантазиите на Тинто Брас и Рас Мејер, ама заврши во брутален генгбенг на западната снаф-продукција. Не само што доброволно прифати жестоко да ѝ пенетрираат во сите телесни отвори туку ги фрли умот, душата и идентитетот во изопачена оргија, каде што преку духовен ГМО-секс излезе безумна и обезличена само за да биде примена во „елита“, па да може и самата еден ден да силува.
Но макроата со туѓа интимност што ветуваат бајки со хепиенд, ама откако ќе го добијат тоа што го сакаат, силуваното тело на кое му ја извадиле душата го фрлаат на буништето на историјата, е тие макроа направија кутрата и глупа држава Нордистан, од дрвото да не ја гледа шумата, па така жестоко ја обработија телесно и духовно, мајка Македонија да не може да ја препознае и кога таа, глупа, побара да ѝ се испорача ветеното, ѝ покажаа среден прст и ја исфрлија од кампот во шумата за да си ја мава главата од дрвото. И што ќе се случи сега со комерцијалната сексуална работничка држава Нордистан? Ништо посебно. Ќе си помолчи едно 16 секунди пред дрвото од кое не ја гледа шумата, време доволно да заборави што ѝ се случило и повторно ќе лелека да ја пуштат во шумата за да биде силувана и одново како искористена пачавра исфрлена.