Атина – Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, испрати наредба до грчката амбасада во Анкара да достави демарш за нелегален риболов на турски чамци во грчките територијални води. Од грчкото МНР соопштуваат дека наредбата на Дендијас е „во рамките на зачувувањето на националниот суверенитет и заштита на европското законодавство“ и додаваат дека нелегалниот риболов во грчките територијални води „претставува прекршување на европското право и меѓународното морско право од страна на Турција“. Ова е втор демарш на Атина до Анкара откако во саботата, по наредба на Дендијас, биле дадени упатства до грчката амбасада во турскиот главен град поради вознемирување од турски бродови.
Подгорица – Никола Ракочевиќ, пратеник на опозициската партија ДПС на Мило Ѓукановиќ, ги повика меѓународните партнери на Црна Гора да „интервенираат“ во решавањето на актуелната политичка криза во земјата, односно дека се случува постепен колапс на евроатлантскиот карактер. Ракочевиќ во изјавата за подгорички „Дневне новине“ изјави дека „црногорските меѓународни партнери сакаат да ја видат државата како дел од Европската Унија, исто како што ја охрабриле за да стане дел од НАТО“. Тој додаде и дека „геостратегиското влијание на Америка и на Европа во Западен Балкан ќе исчезне доколку Црна Гора не добие европска власт, која сега се наоѓа во опозицијата, како што пренесе „Побједа“.
Загреб – Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на конференцијата на „Вечерњи лист“, која се одржа во рекреативниот центар на „Подравка“ во Копривница, откри дека САД за неколку дена би можеле да ги укинат визите за хрватските државјани, што претставува потег на кој долго се работело. Меѓу другото, премиерот се осврна на влезот во еврозоната и воведувањето на еврото, како и забрзувањето на дигиталната и зелената трансформација преку вложување во нови технологии со користење на европските фондови. Покрај тоа, хрватскиот премиер го истакна и растот на БДП и на инвестициите.
Сараево – Во неделата вечер, Босна и Херцеговина беше погодена од земјотрес. Како што пренесоа локалните медиуми, епицентарот бил на 25 километри од Тузла и 13 километри од Грачаница, а бил со јачина од 3,6 степени според Рихтер. Според сведоштвата на граѓаните, земјотресот бил бучен а институциите на БиХ првично информираа дека нема жртви во потресот и дека е направена само незначителна материјална штета.