И досега комуникацијата на Брисел кон балканските држави се одвиваше на принципот „добра и лоша“ вест. Добрата страна на посетата на претседателката на ЕК е што е проследено со ветување за финансиска инфузија, но лошата вест се однесува на тоа дека ќе ни биде соопштено дека процесот на проширување за земјите од регионот во следниот период ќе биде ставено на слеп колосек. Така, парите што ќе пристигнат до 2027 година, се разбира, ако ги исполниме претходно дадените услови, на граѓаните од Балканот ќе им „послужат“ за полесно да ја надминат горчината што ја собираат во себе со предолгото чекање да бидат примени во елитното европско друштво
На крајот на месецов граѓаните од земјите во Западен Балкан ќе се соочат со „нов бран“ оптимистички најави и изјави за заедничката балканска и европска иднина. Повод за новата серија слаткоречиви пораки ќе биде посетата на земјите од регионот од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која ќе дојде да ни ја пренесе радосната вест за новата финансиска помош тешка 14,2 милијарди евра, која ќе им биде достапна на земјите-кандидатки за влегување во Европската Унија. Овие пари, како што самата изјави, ќе претставуваат „вложување во иднината на Западен Балкан како вложување во иднината на Унијата“. Меѓутоа, моментот кога се одобрува овој финансиски пакет добива поинаква смисла од онаа што првенствено е наменета, а тоа е да се олесни приближувањето на Западен Балкан до Европската Унија.
И досега комуникацијата на Брисел кон балканските држави се одвиваше на принципот „добра и лоша“ вест. Добрата страна на посетата на претседателката на ЕК е што е проследено со ветување за финансиска инфузија, но лошата вест се однесува на тоа дека ќе ни биде соопштено дека процесот на проширување за земјите од регионот во следниот период ќе биде ставено на слеп колосек. Така, парите што ќе пристигнат до 2027 година, се разбира, ако ги исполниме претходно дадените услови, на граѓаните од Балканот ќе им „послужат“ за полесно да ја надминат горчината што ја собираат во себе со предолгото чекање да бидат примени во елитното европско друштво.
За тоа колку Западен Балкан е на листата на приоритети на ЕУ, пишува и Зекеријах Смајиќ, долгогодишен дописник од Брисел, кој во својата колумна објавена на „Ал џезира“ се осврнува на моментот дека „железната“ еврокомесарка за овој простор од Европа посветува неколку реченици, со назнака за ветената финансиска помош. На говорот на претседателката на ЕК, со која се определуваат и политиките на дејствувањето на ЕП, по летниот одмор на бриселската администрација, се осврнува и Рикард Јозвик, уредник во Радио Слободна Европа, кој иронично забележува дека Западен Балкан добил неколку „тенки“ реченици, за да поентира со тоа дека ова е „најдоброто што претседателката на Европската комисија можела да го смисли во годината кога Брисел го организира самитот со земјите од Западен Балкан, а подоцна и со државите од Источното партнерство“. Засилувањето на ангажманот во Источното партнерство (наспроти однесувањето на Русија) и намерата на нејзиното патување на Западен Балкан кон крајот на месецот, за да се испрати силен сигнал за посветеност на процесот на пристапувањето во Унијата, едноставно покажува дека на Брисел му недостигаат идеи за двата региона, заклучува Рикард Јозвик.
Конфузноста околу неизвесниот процес за проширување, поради длабоките разлики меѓу земјите-членки во ЕУ, се пренесува и во шесте земји од Западен Балкан. Наоѓајќи се во пат-позиција, кај националните лидери секој поединечно се обидува да изнајде сопствен пат за побрзо стекнување полноправно членство во европското семејство или со привремено здружување на силите, како што е активирањето на иницијативата „Отворен Балкан“.
Од однесувањето на водечките земји-членки во ЕУ станува јасно дека кај високите политички авторитети во Европа и на Балканот за проширувањето се зборува повеќе како за некоја фикција отколку како за реална потреба или опција. Сите тие се доведени во една апсурдна состојба во услови кога проширувањето е целосно замрено, гласно да извикуваат „да живее проширувањето“. И најголемиот европски поддржувач на Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел, ги разби илузиите меѓу најголемите еврооптимисти за брз прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ
Црна Гора, која го отвори последното поглавје од преговорите со ЕУ, според оцените на многу политички аналитичари, е отидена најдалеку во преговорите и затоа себеси се смета како најсериозен следен кандидат за прием во Европската Унија. Од тие причини, црногорските власти се обидуваат да бидат на дистанца од другите земји во регионот и да се стекнат со последниот билет за европскиот воз. Србија, од друга страна, сака да се наметне како „предводник“ на регионот на европскиот пат, но во исто време се обидува да пронајде и алтернативни правци за своето надворешнополитичко позиционирање. Во таа насока е и дејствувањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој преку давањето целосна поддршка на иницијативата за поголемо регионално поврзување, настојува да биде фактор на поврзување меѓу Србија и Косово, од една страна и Македонија со која ја дели истата судбина во однос на европската иднина и чека да се одмрзне процесот за почеток на преговорите. Иако веќе може да се прочитаат и информации дека Тирана сѐ повеќе го губи „трпението“ од фактот што е ставена да чека во друштво со Македонија, која е под бугарска блокада, поради бесмислените историски толкувања за некаква „заедничка историја“.
Од однесувањето на водечките земји-членки во ЕУ станува јасно дека кај високите политички авторитети во Европа и на Балканот за проширувањето се зборува повеќе како за некоја фикција отколку како за реална потреба или опција. Сите тие се доведени во една апсурдна состојба во услови кога проширувањето е целосно замрено, гласно да извикуваат „да живее проширувањето“. И најголемиот европски поддржувач на Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел, на нејзината последна посета на регионот ги разби илузиите меѓу најголемите еврооптимисти за брз прием на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Без дипломатско заобиколување, таа ни порача дека земјите од Западен Балкан ги очекува долг пат до членство во ЕУ, но затоа ги охрабри да продолжат на тој пат.
Во овој европски безизлез, во најнеповолна позиција е Македонија, чии главни политички протагонисти од власта и од опозицијата не можат да се приспособат на новонастанатите надворешнополитички услови во регионот и во светот. Приказната за „заедничка иднина во Европа“ сѐ помалку наидува на добар прием кај македонските граѓани, кои по блокирањето на процесот на проширување, сѐ повеќе се обидуваат самостојно да ги преминат европските граници барајќи подобра иднина за себе и за своите деца.