Шест поетски остварувања се избрани во потесниот круг за наградата „Антево перо“ за 2021 година и од нив ќе биде прогласена победничката стихозбирка.
На својот втор состанок, комисијата за доделување на наградата, во состав Венко Андоновски (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги што се издвојуваат по својот квалитет ги селектира: „Ѕвезден часовник“ на Димитар Арнаудов, „Небесни разговори“ на Братислав Ташковски, „Сите болки станаа мои“ на Елизабета Баковска, „Опит“ на Сузана Мицева, „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ и „Светец“ на Ирена Павлова Де Одорико.
Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија Анте Поповски.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува за откривање и афирмација на нови млади талентирани поети што творат на македонски јазик и потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинира: „Круг на права линија“ на Софија Тодороска, „Твоите далги на брегот на Стикс“ на Марија Филипова и „Мечти“ на Мартина Даниловска. И во овој случај редоследот на номинираните нема вредносно значење.