Сведоштва за природната непогода што ја погоди американската сојузна држава Луизијана
Жителите на Њу Орлеанс утрово го почнаа со проверување на штетата предизвикана од ураганот Ајда. За нив, ова е вторпат да се соочат со ураган од катастрофални размери. Пред 16 години тие беа погодени од ураганот Катрина, кога системот за заштита од насипи потфрли и притоа беа загубени голем број животи, а беше предизвикана и голема материјална штета поради поплавите, пренесува „Гардијан“.
Катрина долго време остана во сеќавањата на жителите од Њу Орлеанс. Во неделата, на 16-годишнината од ураганот, тие се подготвија за да пречекаат уште една голема бура. Весли Фостер, 74-годишен пензионер од населбата „Најнт ворд“, се присетил на ударот на Катрина, откако Ајда ги ставила на тест ѕидовите на неговиот дом.
– Знаев дека ураганот ќе биде силен. Десет часа ветриштата удираа по ѕидовите. Изгледаше како големо чудовиште да се обидува да влезе внатре – вели Фостер.
Фостер и многумина од неговото соседство посочија дека интензитетот на ураганот брзо се зголемил за кратко време, што е зголемен тренд во сезоната на урагани во Атлантикот, а научниците го поврзуваат со климатската криза.
Ајда се формираше пред само четири дена во Карипското Море, а интензитетот се зголемил толку брзо што властите во Њу Орлеанс немаа време да ја подготват евакуацијата на градот. Иако ураганот бил со брзина 240 километри на час, благодарение на инвестицијата вредна неколку милијарди долари во системот за заштита од насипи, овојпат не дошло до катастрофални поплави.
Сепак, штетите од Ајда се големи. Над милион домови во Луизијана се без електрична енергија, а телефонските линии и бензинските пумпи исто така не работат. На улиците има големи скршени гранки и дрвја, како и многу искинати кабли кои претставуваат опасност за жителите.
– Не бевме подготвени да останеме без струја. Не знаеме колку долго ќе бидеме без електрична енергија, немаме вода и храна за повеќе од еден ден. Сепак, благодарни сме што системот за заштита од насипи издржа – вели Карен Браун од Бриџ Сити, каде што ураганот Ајда удри посилно од другата страна на реката.