Во земјите од регионот постои несразмерност на цените за одредени производи според платите. Најголеми разлики во однос на цените што важат за балканскиот и за европскиот потрошувач има за електричните производи, но и за облеката и обувките. На Балканот поевтини се угостителските услуги, алкохолот и цигарите
Србите последните две години плаќале 16 отсто повеќе за електричните производи во однос на просекот на Европската Унија. Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија се во групата со Србија и според бруто-домашниот производ се на крајот на европската листа, а цените на некои производи се на ниво на ЕУ, додека на некои се и повисоки. Според податоците на Еуростат, во Србија највисоки несразмерни цени во однос на месечните приходи, имало за производите од електрониката. Српските граѓани ги плаќале телевизорите, аудиосистемите, лаптопите и компјутерите за 30 отсто повеќе од Полјаците, за 17 отсто повеќе од Швајцарците, 18,5 отсто повеќе од Германците или за 21 отсто повеќе од Британците. За споредба, бруто-домашниот производ во Србија по жител е на 43 отсто од просекот на БДП на ЕУ, односно е понизок за 57 отсто од европскиот просек, пишува „Данас“.
Поради несразмерните цени на електричните производи со просечните приходи на граѓаните, Комисијата за заштита на конкуренцијата на Србија повела постапка против учесниците на пазарот на електроника. Комисијата за 2019 година констатирала дека цените за електрониката се повисоки за 13 отсто во однос на просечните цени во ЕУ. Најдрастични разлики имало со соседна Унгарија, во која одредени производи биле поевтини во однос на „српските“ од 33 до 39 отсто, иако унгарскиот ДДВ е 27 отсто, а српскиот 20 отсто! Ова е и објаснувањето зошто Србите повеќе купувале телевизори во соседна Унгарија.
Причините за „несразмерните“ цени можат да бидат различни, од макроекономски до недостиг од конкуренција. Зоран Николиќ, потпретседател на Националната организација на потрошувачи на Србија, не гледа економска смисла, особено од аспект на послабата куповна моќ во Србија.
– Се упатува на постоењето монопол на домашниот пазар. И странските трговски синџири со текот на времето се усогласуваат со постојните цени на српските трговски фирми. Имаше случаи кога некои производи во истите маркети се поевтини во Хрватска. Српските потрошувачи се лишени од избор и од конкуренција – оценува Николиќ за „Данас“.
Србите плаќале и повисока цена за апаратите за домаќинство, односно шпоретите во Унгарија или во Полска се за 20 отсто поевтини од оние во српската малопродажна мрежа. Слични статистички податоци има и за албанскиот пазар на бела техника, каде што се плаќа поскапо за 22 отсто од просекот во ЕУ или за 20 отсто поскапо од Германија.
Иако постои убедување дека во Србија е поевтина храната, европската статистика дава поинакви податоци. Во Србија, која има пет фабрики за производство на масло за јадење, домашните потрошувачи плаќале 8,4 отсто повисока цена за овој производ од ЕУ-просекот. Во Македонија маслото било поевтино за 35 отсто, а помалку плаќале и Германците и Холанѓаните. Но затоа Бугарите и Албанците маслото за јадење ги чинело поскапо од осум до девет отсто од српскиот потрошувач, или од 16 до 17 отсто повеќе од ЕУ-просекот.
Божо Драшковиќ, универзитетски професор, смета дека доколку трговците имаат монополска или олигополска позиција ,тогаш ги држат цените повисоко.
– На пазарите со послаба куповна моќ, се нуди и послаб квалитет. Но големите продавачи можат да држат и пониски цени за одредени производи само за да го држат пазарот на целата територија. Но и самите трговци можат да манипулираат со продажните маржи, поради подобрите услови на договарања во однос на малите продавници – вели Драшковиќ. Најголеми разлики во цените и приходите на граѓаните во Србија има за облеката и обувките. Во 2020 година српскиот потрошувач плаќал 93,4 отсто од ЕУ-просекот за облека и 92,8 отсто за обувки. Во Босна и Херцеговина облеката била за 14 отсто поевтина од ЕУ, а на обувките за 22 отсто. Цените на храната во Србија е за 20 отсто пониска од ЕУ-просекот, а исто толку плаќаат и Германците. Цените на прехранбените производи се исти и во Унгарија, но просечната плата во оваа земја е околу 800 евра, речиси 300 евра повеќе од Србија. Заедничко за земјите од Западен Балкан и од Турција е тоа што цените на тутунските производи се поевтини за 52,4 отсто. Поевтини се и основните животни намирници, но и алкохолот и безалкохолните пијалаци. Цената на електричната енергија во Србија е меѓу најниските во Европа и е на 49 отсто од просекот на ЕУ. Поевтина енергија имаат само Албанија и Турција. Во овој дел од Европа се поевтини услугите во рестораните и хотелите. Во Србија се 47 отсто, во Албанија 44, во Бугарија и Романија околу 55 отсто од просекот на ЕУ.