Здравствените експерти ја разгледуваат можноста за воведување брзи тестови во училиштата по стартот на учебната година со физичко присуство. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека иако засега нема нови мерки, нивно воведување ќе зависи од развојот на епидемијата.
– Разгледуваме и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзите тестови кај децата и така натаму. Сето тоа се разгледува од страна на експертите. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки, согласно тоа како е се одвива сликата за епидемијата – рече Филипче.
На новинарско прашање зошто парите за кампањата за вакцинирање, која јавноста ја оцени како задоцнета, не ги пренамени за брзи тестови во училиштата, министерот рече дека кампањата е планирана и за нејзина сметка не се скратени пари од ниту едно друго место.
Грција, како и многу други земји во светот, веќе најави почеток на школската година со физичко присуство, но учениците бесплатно ќе бидат тестирани двапати неделно.
Кај нас, согласно протоколите, учениците ќе треба да ги почитуваат истите протоколи од лани кога со физичко присуство наставата ја следеа првите три одделенија во основните училишта, односно ќе носат маски, ќе внимаваат на дистанца и при влез во училиштето ќе им се мери температура.