Скопската премиера на англиско-македонската документарна копродукција со наслов „Сава“ (Велика Британија, Македонија, 2021, 74 мин.) беше пречекана со силни емотивни воздишки и бурни овации. Станува збор за филм што е снимен по должината на течението на реката Сава и носталгично потсетува на некои минати времиња. Со непретенциозно одбрани протагонисти, филмот го отсликува актуелното време на транзиција и поделеност со граници, а реката е метафора на спојувањето на луѓето од сите страни на границите. Гласот на реката во филмот го дава светски познатата актерка Мира Фурлан, која, за жал, почина за време на правењето на постпродукцијата на филмот.

Режисер на филмот е Метју Сомервил, на сценариото работела Мира Фурлан, снимател е Дан Меккрум, а монтажата е на Горјан Атанасов. По проекцијата на филмот во „Куршумли-ан“, пред публиката се претставија Метју Сомервил и Горјан Атанасов. Англискиот режисер веднаш потенцираше дека филмот ѝ го посветува на Мира Фурлан, бидејќи таа, како и филмот, пренесува пораки против национализмот и поделбите по која било основа.
– Во текот на снимањето на филмот шест недели патувавме во различни предели околу реката, пронајдовме многу луѓе со различни животни приказни и перспективи, но една работа што ги поврзува сите нив е реката Сава. Преку нив открив една социјална реалност што претходно не ја познавав – рече Сомервил.
Тој додаде дека некои документаристи прават филмови за конфликти, но неговата намера била да направи филм за река што ги обединува луѓето, објаснувајќи дека со македонскиот монтажер Горјан Атанасов се запознале преку заеднички пријател во фазата на продукција на филмот.

На платото пред „Куршумли-ан“ се одржа и премиерата на документарниот филм „Цвеќиња на водата“ (Македонија, 2021, 26 мин.) на македонската авторка и визуелна уметница Тања Балаќ. Филмот носи социјална тематика, а главни протагонисти се членовите на едно скопско семејство што во поплавите во селото Стајковци во 2016 година го изгубило својот дом. Преку приказната на Ратка, жена што својата љубов кон животот и уметноста ја преточува во правење цветни аранжмани со кои си ја обезбедува егзистенцијата, е прикажана борбата на семејството да си го врати својот дом. Сценариото и режијата се на Тања Балаќ, камерата и монтажата се на Кирил Шентевски, на звукот работеа Кирил Шентевски и Сергеј Сарчевски, а користена е музика од Александар Пејовски, Дуке Бојаџиев и од Владо Манчевски.