„Отворен Балкан“ е израз на посветеноста на иднината и европскиот пат

Премиерот Зоран Заев вчера го прими поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој на средбата ја истакна како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“. Блер потенцира дека целите кон кои се стреми овој проект за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа ќе им донесат многу придобивки на граѓаните на Македонија, Албанија и на Србија и ќе бидат акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.

Тој додаде дека „Отворен Балкан” е иницијатива спротивна на националистичките агенди и дека со ова трите земји предводнички јасно ѝ покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат.
На состанокот беше истакната и придобивката што со дигитализацијата може да ја добие Македонија во делот на менаџирање со податоци при справувањето со ковид-19, односно за ставањето во функција дигитални дата-бази за регистрирање и верификација на граѓаните што се вакцинирани за нивна побрза мобилност низ целиот свет.


Шахпаска: Заштитата на децата од насилство е приоритет

Министерката за труд и социјална политика вчера одржа состанок со Националното координативно тело за заштита на децата од злоупотреба и занемарување, кое е составено од претставници на релевантни институции, граѓански и меѓународни организации.
– Заштита на децата од насилство е приоритет и значајна заложба на нашето општество, бидејќи сите форми на насилство, злоупотреба и занемарување на децата, кои потенцијално го загрозуваат или го нарушуваат физичкиот, психичкиот и моралниот интегритет на личноста на детето, претставуваат повреда на основните права на детето содржани во Конвенцијата за правата на детето – рече министерката.
Инаку, на состанокот беше усвоен протоколот за постапување на мултисекторските тимови за заштита на деца жртви на насилство и се разговараше за следните активности, односно ревизија на Акцискиот план и дигитализирање на внесувањето податоци за децата жртви на насилство.