ГЕВГЕЛИЈА
Поради секојдневното зголемување на бројот на инфицирани граѓани од делта-сојот во државата, директорот на општата болница со проширена дејност во Гевгелија, д-р Митко Крџев, упати апел до гевгелиската јавност.
– Доколку имате симптоми типични за овој сој на коронавирусот, јавете се најпрво кај вашиот матичен лекар. Матичниот лекар ќе ви закаже термин за тестирање. Доколку тестот е позитивен, а вашата епидемиолошка слика е од полесен карактер, матичниот ве праќа на домашно лекување и ја следи вашата состојба. Доколку таа се влоши, тогаш матичниот лекар ве упатува на болничко лечење. И покрај тоа што Општина Гевгелија е на првото место по бројот на имунизирани граѓани, упатувам апел до сите оние што сѐ уште не се вакцинирале, да го сторат тоа во најбрз можен рок, затоа што единствено вакцината е таа што може да ве заштити од коронавирусот. Секоја вакцина е безбедна и ја намалува шансата за заболување, но и ја спречува тешката форма на болеста и штити од смртен исход – вели директорот.
Тој потсети дека смртноста кај невакцинираните е 100 отсто, а дека тоа го покажала анализата на Министерството за здравство.
– Во период од една седмица, на територијата на државата починале 25 лица со ковид-19, ниту еден од нив не бил вакциниран.
Со вакцинирањето, не само што го штитите вашето здравје туку го штитите и здравјето на вашите најблиски и на целата популација во државата. И само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутациите – додава директорот.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, вели дека иако епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија сѐ уште е стабилна, активни се два случаи на ковид-19, за разлика од другите градови во државата.
– Упатувам апел до граѓаните од Општина Гевгелија редовно да носат маски, да држат дистанца и да вршат дезинфекција на рацете, за да се заштитат од заболување и да го спречат ширењето на заразата од ковид-19. И покрај тоа што во Гевгелија е имунизирано повеќе од половина од населението, треба доследно да се почитуваат мерките и пропишаните протоколи од МЗ. Штитејќи се самите себеси, ги штитиме сите околу нас – рече тој.