Да беше. Да беа (3)

(хипотези за јанѕа и несоница)

И сега, јасно ли ти е, драг читателу, што сè се случи, што се случува и што сè уште ќе се случува со Македонија и со Македонците. А ти ми велиш дека и светот не е безбеден, не само ние. Наивно. И Себастијан Курц по оној неочекуван тероризам во неговата земја рече оти мислел дека Австрија е безбедно место за живеење. Ама не било така. А ти тоа го користиш како шлагворт, па ми ја сервираш пред нос сегашната сеопшта планетарна вирусна трагедија, модерната чума, која веќе не ја носат, на враќање, со глувците од бродовите Колумбо и Магелан, туку е излезена од научната лабораторија на Сатаната на длабоката држава што ги штити само нејзините банки и корпорации, а сè друго го смета за излишност во постоењето. Па така, на општо изненадување таа не ги поштеди ни богатите западни и колонијалистички земји и народи, кои како Курц мислеа дека се безбедно место за живеење. Ама, ете, не биле, и со тоа е барем малку задоволена за сиромаштијата и страдалниците во светот правдата. И не е некаков цинизам тоа, туку гола вистина. А ти, веќе согласен со мене, драг читателу, велиш дека е тоа, таквата светска ситуација сега можеби резултат и на македонската клетва на нејзините ликвидатори во војни и помории, што ги обезглавија Македонците во Преспа, обезименувајќи ги и фрлајќи ги во бездната на безименото и ништото. Но не она на Буда и будизмот што е нирвана, туку она западното што е смрт и распаѓање. Македонската клетва, додаваш, што е можеби и посилна, па и поекстатична во болката, од клетвите на старозаветниот Еремија, ненадминат во тој жанр на егзистенцијата на душата по изгонот од Едем. Да. И уште ми ја сервираш пред мене сега и аналогијата со темпларите, кои се прогласија за Христови воини, ама не со мечот на Љубовта, како што бараше Спасителот, туку со мечот на крвта и одмаздата што имаше цел и трупање на огромно материјално богатство, претходници на инквизицијата, самите инквизиција. Инквизицијата чии далечни одблесоци на смртоносниот оган сè уште не згаснале на Запад. Ама и така, на изглед далечни со неколку столетија и повеќе наназад, тие и денес спалуваат како средновековната клада. Ние добро го почувствувавме тоа во Преспа посебно, топтан целото племе натрупано на нејзиниот смртоносен пламен. А и модерниот колонијализам, додаваш, драг читателу, по Колумбо и Магелан, како и по разорните походи на викинзите што се сместени денес, за разлика од нас, во удобни нации и држави, што е друго освен вид софистицирана и завиткана во божем цивилизациски целофан инквизиција.

Инквизиција со која воопшто не мислат богатите западни либералкапиталисти да раскрстат сè додека до гола коска не му ја одерат кожата на сиромашното човештво. Кожата што симболично Свети Бартоломеј во Сикстина на фреската „Страшниот суд“ на Микеланџело му ја покажува на Исус како доказ за страданијата на бедните и незаштитените, за еднаш засекогаш да расчисти со инквизиторите на земјата долу. А Тој му вели нему и на неговите, како што им вели и на праведниците легнати во гробовите, да почекаат уште малку, да се Трпани и Трпевци како Македонците, сè додека не ги собере неговиот војсководец Архангел Михаил небесните ангелски чети (а ти додаваш, драг читателу, и ослепените македонски воини на Самуил) и не го стави конечно Сатаната под нозе.
Да. Имаш право, драг читателу. Имаш право да ја посматраш од цивилизациска гледна точка најновата сеопшта планетарна чума на длабоката сатанистичка држава и нејзината смртоносна лабораторија што работи против новото воскреснување на пролетаријатот. Оти него не може да го заузди само НАТО. Не е доволно. Да. А ти продолжуваш со аналогијата на македонската клетва тука парадоксално поврзана со клетвата на темпларите, која во нивно име ја фрла нивниот водач Жак де Мол врз своите убијци, поточно врз францускиот крал Филип Убавиот (колку убав да ти бил тој) и папата Клементе Петти, кога заради вистината што не сакал да ја порекне, чесен докрај, го спалуваат на клада во центарот на Париз. И тој, горејќи во пламенот, ја фрла неа, а таа веднаш како квасец го нараснува лебот на смртта за тие што му пресудиле. И, глеј ја енергетската моќ на клетвата што во оваа обесветена цивилизација што раскрстила со магиската сила на нештата фаќа маја. Само по неколку месеци по спалувањето на клада на Жак де Мол, смртта го настасува во луксузните одаи на Ватикан папата Клементе Петти, а по година, со мало задоцнување таа зачукува и на вратата на Филип Убавиот со мртовечки ковчег под мишка за него, и плус уште за неговите три сина. Ги собира и нив, исполнувајќи ја акрибично до крај клетвата на Жак де Мол. Ама тоа е само дел од неа, оти веднаш потоа на Франција ќе удри и чума, слична на денешната во светот (ти, пак, велиш сега како резултат на Македонците во Преспа, драг читателу). Ама и тоа е малку, па по чумата еве ја и војната, навалицата на Англичаните што ги поразуваат и ставаат под нозе Французите на Филип Убавиот.

Тоа е епилогот од таа страшна клетва на водачот на темпларите, кои, гледам, ти си подготвен нив според ревноста како христијански воини, како што мислеле фанатично дека се, ни пет ни шест да ги споредиш со апостол Павле, и повеќе со неговата прва половина Савле кога на пат за Дамаск него го удира право во мозок, за да го преобрази Савле во Павле, молњата на Исус. Да го преобрази од ревносен фарисеј во ревносен христијанин. Покрај другото со умисла и за неговата служба во Македонија во која го прати Спасителот да ја осветли неа со неговата светлина, а таа неа им ја предаде како штафета и на европските западни пагани, кои, носејќи ја христијанската маска, до денес не се откажаа, крвожедни, од паганството. И, такви, дојдоа со гилотината од Брисел и Вашингтон во Преспа она јунско пладне полно со венчални ружи, пред три години. Ама, и покрај нивната ревност никогаш не се преобразија европските темплари од Савле во Павле, од фарисеи во вистински христијани, без разлика што беше докрај чесен како Павле пред средбата со Исус на пат за Дамаск, нивниот водач Жак де Мол. И наскоро католичката црква што ја претставуваше Европа, премолчено нивниот пример на негативна ревност го аплицира на новите темпларски воини на инквизицијата. Таа што е, божем цивилизирана, присутна кај Европа и денес, ефектно демонстрирана и кај нас во Преспа. Инквизицијата што според еврототемот Черчил создава „стабилни системи“. Па таков систем сега пред сè со апсолутен идентитетски колеж создава и од Македонија, за што дополнително за „достабилизирање“, доспепелување на живиот оган на животот на столченото племе се користат и другите чекани на грчката, бугарската и тиранската платформа.
Да. Велам да ставиме точка, а ти ми велиш, драг читателу, дај да ја довршиме аналогијата со темпларите. Оти јасно е, велиш, дека Македонците никогаш ниту биле ниту ќе бидат темплари од типот на западните платени богато, божем Христови војници. Ама сега, посебно во Преспа, можеме да повлечеме сепак аналошка паралела меѓу нивната судбина со Филип Убавиот и судбината на Македонците. Да, се слагам, ама брзински без да размислувам, божем ми за’рѓал за миг мозокот, прашувам кој би можел во нашата судбинска паралела тука да го означува тој Убавец.

А ти го повишуваш до октава тонот, несвојствено за тебе, за да ме засрамиш. Велиш: па тој од Муртино и неговата влада со оној уште палеолитски министер за надворешни, сега веќе заменик, зад новиот од рамковниот ешалон. Тие се послужија со гилотината што им ја донесоа европските „просветители“ од Брисел во Преспа и без око да им трепне со неа им ја пресекоа, како Ирод на Јован Крстител, идентитетската глава на Македонците. Божем за да ги внесат во клубот на богатите западни модерни инквизитори, кои не престануваат по разни основи, под изговор дека создаваат „стабилни системи“, лукаво да го пљачкаат светот и да ги понижуваат малите и сиромашните. Македонците сега најдобро го искусија и го искусуваат тоа, престорени во живи мртовци за подбишега на цивилизацијата што не излегла од калта на фашизмот ни по победата над Хитлерова Германија. Германија „мајсторот на смртта“, како што ја именува неа Пол Целан. А тоа нејзино мајсторство, за жал, го почувствувавме со посредство на внуката на фирерот фрау Меркел, која лично од Берлин, небаре во ликот на Третиот рајх, дојде во Скопје да го турка колективното стадо кон бриселовашингтонската гилотина во Преспа. Стадото, кое како Евреите во Втората светска војна, беше одбрано за клање во „демократската“ касапница на нивната либералкапиталистичка цивилизација. И би тој колеж во Преспа, сличен на колежот на Евреите во логорите на фирерот, од кој зеде маја и нашиот фирер од Муртино. Ама, би што би со Евреите, драг читателу.

Беше положена жртвата, ама потоа тие од неа воскреснаа на крилјата на ционизмот и ја создадоа моќната држава Израел, уште и под капата на Америте, кои со атомските бомби над Хирошима и Нагасаки 1945 г., неколку години пред Европа со смртоносните бомбардери на Черчил кон Македонците 1948 г. го обновија фашизмот. И така и едните и другите (и за новите воскреснати Евреи треба да се подразмисли) ја потврдија не хипотезата туку тезата на умниот и видовит европски гениј и хуманист Томас Ман, дека е победен Хитлер, но не и фашизмот. И Преспа е крунски сведок за тоа, и една од првите ќе биде повикана да сведочи на Страшниот суд, кој нема да ги поштеди злосторниците. Нема да поштеди ни еден атом, ни еден квант, од нивниот злосторнички прав.
Ставаме конечно точка, драг читателу, оти не можам нашироко да ти одговорам на конкретното прашање, по аналогија со Македонците на клетвата на Жак де Мол фрлена на Филип Убавиот и папата Клементе Петти. Прашуваш: а зошто клетвата на Македонците сè уште не го навтасала нашиот страшен Убавец од смуртеното село. Уште посмуртено оти се родил тој во него. Него и сите други изроди што го изведоа тој злосторнички чин во Преспа. Ама, и тој како да им е мал и не го нахрани доволно евроамериканскиот апетит за уништување на столченото племе, та продолжуваат понатаму. Да. Во право си, драг читателу, признавам, нестрплив си како раните христијани што ја пееја, копнеејќи за праведна освета и спас, песната „Господе, дојди што поскоро“. А тој, веќе кажавме како им рече, за што е сведок Откровението на апостол Јован. Точка. А ти ми велиш, драг читателу, дека неправедно ќе го заборавевме во таа всета низа на доблесни, не како нас за никаде, предци Ѓорѓија Кастриот, мијачкото дете Дукатинче што излезе очи в очи храбро во битка со џиновската Отоманска Империја и нижеше победа по победа, зацврстувајќи го како Филип Македонски своето непробојно кралство. И ти велиш, со право дека да беше жив, и од поодамна да се беше разбудил од смртта тој ќе се зачудеше како станал без да знае од Кастриот Искендер (како што го викале него од почит, споредувајќи го со Александар Македонски, Турците), а потоа наеднаш и Скендербег, христијанинот што ги штитеше христијаните не само во Круја, туку многу подалеку, од Епир до Јадранско Море. Ќе им се изначудеше и на оние мануакадемици, кои пред десетина години на неговиот јубилеј (не се сеќавам сега по повод точно која годишнина) уште еднаш, по толку пати пред тоа, го скендербегизираа, кастрејќи го и сечејќи му ги сите стебла и гранки на огромниот исконски македонски даб.

И велиш, драг читателу, да беше тој жив немаше да дозволи да биде убиен тогаш Кузман Капидан, кого и денес сè уште го оплакува, недоисплачен Неда, оти сè уште го доубиваат него качачките банди, не верувајќи дека е еднаш убиен, и се слушаат „пискотници од Галичник во Река“. Сега и подалеку од Река во која Гегите му ја симнаа од училиштето таблата со името на славниот галички војвода и просветител Ѓорѓија Пулески, за да стават таблата со името на нивниот којзнае кој за наш срам. А да беше жив Ѓорѓија Кастриот, велиш, немаше да се случи тоа и ќе нè укореше нас, недостојни за доблесните предци што ги предадовме. И додаваш: да беше жив тој немаше така диво да ора низ незаштитената македонска нива ни булдожерот на тиранската платформа донесен директно од Вашингтон, од каде што стигна од Брисел и гилотината на цивилизацијата во Преспа 2018 г., тоа осветлено јунско пладне во кое потемне со бојата на смртта златото на преспанските овоштарници.
Готово. Ставаме конечно точка, драг читателу, на текстов ткаен на разбојот на душата од јанѕата и тагата со црната и црвената преѓа на нашата судбина, како што би рекол Конески, поетот на столченото племе. Точка. До следната наша средба и разговор во ниедна доба кога не самнува и не пеат петлите на нашата зора што ги заклаа во Преспа, моите бескрајни и до зад бескрајот поздрави до тебе, драг читателу. Оти нема друго чаре, освен со гламната на Храброста и Вистината да ја минеме ноќта што легнала врз нашите плешки. Амин!

(крај)