Кога пукотниците од војувањето допреле до ѕидовите на Абдул, пензиониран професор од Кандахар, тој одлучил дека е време да ги скрие книгите кои ги поседува. Абдул бил неспокоен додека војувањето се приближувало до неговиот дом, мислејќи што да стори со неговата библиотека. Тој е дел од клуб на читатели чии членови меѓусебно разменуваат книги. Во Кандахар нема библиотека, а книгите што ги читал на Абдул му помагаат против неговата анксиозност, пишува „Економист“.
Абдул одлучил дека криењето на неговите книги е најдобрата опција. Тој поседува колекција книги од најпознатиот поет во Кандахар, Абдул Бари Јахани, кој сега живее во Америка. Минатиот пат кога Талибанците беа на власт, тие ги забранија неговите книги.
– Доколку талибанците го претресат мојот дом и видат нешто што не им се допаѓа, мојот живот за миг може да згасне – вели Абдул.
Животот во Авганистан брзо се менува
Со доаѓањето на талибанците на власт, животот во Авганистан рапидно се менува. Иако тие гарантираат безбедност и амнестија за секој што ќе се предаде, граѓаните се скептични кон нивната искреност. Административните работници (оние кои досега не избегаа од земјата) се поттикнувани да се вратат на нивните работни места и да продолжат со работа, но голем број новинари и активисти се водат за исчезнати.
– Талибанците ги бараат оние кои се образовани, оние што можат да го соберат и да го обединат народот. Изгледа ќе има многу смрт и крв во овој град – вели Абдул.
Еден дуќанџија изјави дека се зголемила продажбата на бурки. Младите момчиња почнале да ги пуштаат своите бради, а исто така многумина ги избришале видеата и музиката од нивните телефони.
За време на нивното претходно владеење, Талибанците им забранија на жените да работат надвор од домот и да посетуваат училиште. Тие треба задолжително да носат бурка и мораат да бидат придружувани од машки роднина кога излегуваат надвор.
– Целиот град за жените се смени преку ноќ. Животот како да престанал – изјави една новинарка во Кабул откако Авганистан по две децении повторно се најде под контрола на талибанците.
Друга новинарка од Кабул, која не може да ја напушти земјата, рече „ние страдавме цел живот и сега ќе страдаме многу повеќе“.
По улиците нема жени
Жените остануваат во нивните домови од страв дека ќе бидат тепани поради тоа што не се соодветно облечени, или доколку излезат без машки старател. Во некои делови на Авганистан, има голем број извештаи за стапување во принуден брак со талибански борци во изминатите неколку недели.
– За мене бурката отсекогаш претставувала знак на ропство, како птица заробена во кафез. Никогаш не помислив дека ќе морам да го носам тоа. Но, ако сакам да си го спасам животот, морам да го сторам тоа. Јас не поседувам бурка, ниту пак знам каде да купам, но многу од моите пријатели исто така бараат. Жените се принудени да ги купуваат затоа што тоа им го спасува животот – вели една млада девојка од Авганистан.