Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, упати благодарност до Албанија, Канада, Косово и до Македонија кои се согласиле да им дадат засолниште на нивните сојузници од Авганистан, особено на жени и деца на лидерите на цивилното општество.
– Мора да бидеме фокусирани на спасување животи во Авганистан. САД работат да ги евакуираат лицата под особен ризик од Талибанците и благодарна сум на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија кои понудија засолниште на нашите авганистански сојузници, особено жени и деца на лидерите на цивилното општество. Се надевам дека овој пример ќе го следат и други – напиша Олбрајт на Твитер.
Претходно денеска премиерот Зоран Заев изјави дека Македонија ги информирала САД оти стои на располагање за да се спасат животи на цивилното население во Авганистан. Станува збор за прифаќање на цивилно население од Авганистан кое било локална поддршка на сојузничките НАТО сили како и активисти од хуманитарните организции во Авганистан, појасни Заев.
Тој порача дека за таа цел ќе обезбедат сместување, при што трошоците за време на престојот на бегалците, до трајната дестинација, целосно би биле покриени од САД.