Во рамките на „Велешко културно лето 2021“, синоќа со почеток во 20 часот, во организација на општина Велес и библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во Ликовниот салон на градот беше промовирана монографијата „Македонски рок времеплов“ прв том, од Тошо Филиповски, познат музички новинар, автор на радио и телевизиски емисии, приредувач на музички настани и фестивали и хроничар на македонската популарна музика.
– Драго ми е што по подолг временски период се случи нова промоција и за првпат во Велес. Со оглед дека во изминативе години не успеав да ги промовирам двете претходни книги пред велешани („Македонска рок енциклопедија 1963-2018, прв том и монографијата „Македонска дискографија – Винили“ (1958 – 2019), прв том) ја искористив можноста да ги претставам сите три книги. Иако со трилогијата е заокружен еден долгогодишен обемен труд, приаказната за мене не е завршена, напортив. Инаку посакувам велешката музичјка сцена да биде на ниво на она што се случуваше тука во 1990-те години – рече Филиповски.
Воведна реч на промоцијата имаше Стефани Андреевска, директорка на Библиотеката, а промотор беше Борче Стојанов, добар познавач на музичките прилики во градот и во земјава, кој меѓу другото спомна дека во „Македонската рок енциклопедија“ се зпишани и имињата на пет велешки групи: „Ла Манш“, „Лебеди“; Сашко Костов, „Стереотипови“ и „Триумфи“. а се надева дека ќе ги има повеќе во второто издание. Тој изрази надеж дека тогаш ќе бидат споменати и групите „Струјно коло“, „Кокер“, „Оловна рестрикција“, „Парализер“ и некои други бендови. Некои од велешките музичари присуствуваа и на промоцијата.
Беше прикажан и докуменатрец на Аљоша Симјановски, во траење од 45 минути, со пионерски снимки на групата „Бис-Без“, „Карамела“ и други.
Книгите на Филиповски отсега ќе можат да се набават во велешката библиотека „Гоце Делчев“, како и во други библиотеки во земјава, но и во светот, а меѓу другите и во Конгресната библиотека во Вашингтон, САД.
Филиповски најави дека планира во иднина да објавува по една книга годишно, бидејќи има намера да го опфати сето она што е создадено од почетоците на создавањето на македоснката популарна музика во 1950-тре години, па се досега, а тоа пак е уште едно сведоштво за македонскиот идентитет..
Тошо во моментот работи и на Монографија на групата „Мизар“, по повод 40 години успешна кариера, нешто што немало досега на македонската музичка сцена, чија промоција ќе се случи до крајот на годината, а интензивно работи и на создавање услови за отворање на рок-музеј, односно центар за истражување, архивирање и промовирање на македонската рок-музика. М.Т.