Ако не сакаме наскоро да се откажеме од сегашниот модел на линеарно глобално производство и потрошувачка, ќе ни бидат потребни природни ресурси еквивалентни на речиси три планети за да го одржиме сегашниот начин на живот, а годишното производство на отпад ќе се зголеми за 70 отсто. Сепак, секогаш постојат подобри решенија за вакви предизвици
Секоја година, 400 милиони тони тежок метал, токсичен талог и индустриски отпад се фрлаат во нашите води. Најмалку осум милиони тони пластика завршуваат во океаните. Околу 1,3 милијарда тони храна, што е околу една третина од сето она што се произведува, се губи или се троши, додека стотици милиони луѓе гладуваат. Рибниот фонд во океаните прекумерно се лови, се намалува плодното земјиште, како и биолошката разновидност. Во меѓувреме, сè почести стануваат разорните природни катастрофи, како поплавите во Европа и Кина, шумските пожари во САД и наездата на скакулци во Африка и на Блискиот Исток.
Неодржливоста на нашата линеарна шема на глобално производство и потрошувачка никогаш не била поочигледна. Всушност, ако не се откажеме од ваквото функционирање до 2050 година, ќе ни треба еквивалент на речиси три планети за да обезбедиме доволно природни ресурси за да го одржиме сегашниот начин на живот, а годишното производство на отпад ќе се зголеми за 70 отсто. Но постои подобро решение, а тоа е да ја прифатиме кружната економија.
Кружната економија би го раздвоила растот од потрошувачката на конечни ресурси, ќе ги задржи во употреба производите и материјалите и ќе ги обнови природните системи. Европската Унија (ЕУ) веќе го прифаќа овој пристап. Акцискиот план за кружна економија, кој е столб на Европскиот зелен договор, воведува законски и вонзаконски мерки што би влијаеле на целиот животен циклус на производите, со цел не само да се заштеди на материјали туку и да се отворат работни места, да се подобри човечката благосостојба и да се заштити природата.
Производствениот сектор е таков пример. Како што истакнува планот, до 80 отсто од влијанието на производот врз животната средина се одредува во фазата на дизајнирање, но производителите немаат доволно иницијативи да дизајнираат одржливи производи. ЕУ планира да ги зајакне овие иницијативи преку законодавството. На крајот на краиштата, ова ќе им помогне на производителите. Со оглед на тоа што суровините во моментов учествуваат со околу 40 отсто од трошоците на производителите, во просек, моделите со затворен циклус може значително да ја зголемат нивната профитабилност и да ги заштитат од флуктуации на цените на ресурсите. Оваа последна точка ја нагласува геополитичката димензија на кружната економија.
ЕУ проценува дека сеопфатната примена на принципите за кружна економија може да го зголемат вкупниот БДП за дополнителни 0,5 отсто до 2030 година и да се отворат околу 700.000 нови работни места. Најважно, мерките насочени кон имплементација на кружната економија во ЕУ ќе се воведат на широк начин, вклучувајќи иницијативи од заедниците, локалните и регионалните власти. Со оглед на тоа што ЕУ е производствена сила, може да помогне да се постават глобални стандарди за одржливост на производот, да влијае на дизајнот на производот и управувањето со синџирот на вредности во светот. Но, Европа, исто така, презема подиректен пристап кон поттикнување на глобалниот напредок кон кружна економија. Минатиот февруари ја претстави Глобалната алијанса за кружна економија и ефикасност на ресурсите. Исто така, таа се залага за принципите на кружна економија преку глобалните трговски преговори и во своите партнерства со африканските земји. Но за да успее овој напор, прво мора да разбереме зошто е потребно толку време за да се вкорени концептот за кружна економија. Дел од одговорот лежи во тоа како главната економска идеологија ја гледа природата.
Неподготвеноста да се носи „багажот“ на природата значеше дека економските пресметки се фокусираа речиси исклучиво на растот на БДП и идејата колку повеќе, толку подобро, повеќе од 70 години, без никакво внимание на влијанието на економската активност врз природната средина. Затоа, не изненадува што ситуацијата стана толку очајна, но постои оптимизам.
Во март, Статистичката комисија на Обединетите нации (ООН) го усвои Системот за еколошко-економско водење евиденција, кој е рамка за организирање податоци за живеалишта и предели, мерење на услугите на екосистемите, следење на промените во средствата на екосистемите и поврзување на овие информации со економските и другите човечки активности. Јапонското претседателство со Г20 во 2019 година и сегашното на Италија се залагаа за глобални акции за кружната економија.
Кина, исто така, презеде важни чекори во оваа насока и уште во август 2008 година стана една од првите земји што усвоија закон чија цел е промоција на кружната економија и го воведе концептот на „еколошка цивилизација“ во својот устав во 2018 година. Иако ЕУ и Кина можеби не се согласни за техничката, економската и политичката употреба на кружната економија, нивната заедничка посветеност да се придвижат кон таков систем е добра вест. Повеќе економии треба да го следат примерот, со насочена мултилатерална помош и техничка помош за економиите во развој.
Кружната економија е нашата единствена надеж за постигнување на 17-те цели на ООН за одржлив развој и обезбедување долгорочен опстанок на човештвото. Ако големите сили мора да се натпреваруваат, натпреварот треба да се одвива токму во оваа сфера.
Автори: Ендру Шенг е истакнат соработник на Азискиот глобалниот институт на Универзитетот во Хонгконг и е член на Советодавниот одбор на УНЕП за одржливи финансии. Сиао Генг е претседател на Институтот за меѓународни финансии во Хонгконг и професор и директор на Институтот за политика и практика на финансискиот институт во Шенжен како дел од Кинескиот универзитет во Хонгконг.