Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека убиството на донетскиот сепаратистички водач Александар Захарченко е провокација од страна на Украина и ќе го поткопа мировниот договор од Минск, јави новинската агенција ТАСС.
– Во сегашната состојба, не може да стане збор за нов состанок во „нормандискиот формат“, што многумина од нашите европски партнери го посакуваа. Ова е сериозна состојба која мора добро да се разгледа – изјави Лавров, зборувајќи за средбите во формат Украина, Русија, Германија и Франција.
Захарченко, кој беше прогласен за претседател на Донетската народна република – една од двете источни области кои сакаат да се отцепат од Украина – беше убиен вчера од подметната бомба. Безбедносните служби на донетските сепаратисти ја обвинија Украина за атентатот, додека украинските безбедносни служби негираа вмешаност.