По повеќемесечно криминалистичко истражување, денеска Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Единицата за специјални полициски операции спроведоа акција за сузбивање на повеќечлена организирана криминална група.
Како што информираат надлежните, скопската група била со строго утврдена хиерархија и структура и се занимавала со продажба на дрога и оружје.
Во денешната акција, извршени биле претреси на вкупно 20 локации, при што приведени се 12 лица од Скопје меѓу кои и 33-годишен полицаец со иницијали Р.А.
Останатите уапсени, меѓу кои има и една жена, се на возраст од 19 до 47 години: Б.А.(22), Б.А.(19), М.А.(47), Б.А.(23), С.Ј.(22), Е.Б.(27), З.М.(33), Љ.А.(30), Ш.А.(35), А.А.(26) и Е.С.(24).
Полицијата соопшти дека се трага по уште три лица кои биле дел од групата.
При извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени дрога, муниција, два пиштола, автомобили, од кои еден блиндиран, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони и компјутерска опрема.
Надлежниот јавен обвинител по добиената кривична пријава ќе донесе наредба за спроведување истрага против лицата и ќе му предложи на судот да одреди притвор за сите осомничени.