СКОПЈЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА БЕЛИОТ СТАП, ПОСВЕТЕН НА ПРАВАТА, САМОСТОЈНОСТА И МОБИЛНОСТА НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА И ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД
- Инклузијата почнува со мали чекори, но се докажува во секојдневието
Со едукативни работилници, инклузивни активности и пораки за еднакви можности, во Скопје се одбележи Меѓународниот ден на белиот стап, посветен на правата, самостојноста и мобилноста на слепите лица и лицата со оштетен вид. Во фокусот на годинашното одбележување е пораката за „потреба од општество во кое пристапноста нема да биде исклучок, туку стандард во образованието, културата, јавниот превоз и секојдневното функционирање на градот“.
Активности и работилници
Една од централните активности беше работилницата „Чекор по чекор – библиотека за сите“, организирана од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, во соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“. Во активноста учествуваа деца од училиштето „Димитар Влахов“ и од Основното училиште „Коле Неделковски“, со цел преку заедничко искуство да се поттикнат разбирањето, почитувањето на различностите и свеста за потребите на лицата со оштетен вид.
– Работилницата беше осмислена како средба во која учењето не се сведува само на зборови. Преку допир, слух, говор, тактилни материјали и креативни задачи, децата имаа можност да откријат различни начини на восприемање на светот. Посебно место имаат книгата и читањето, како основни предуслови за образование, личен развој и рамноправно учество во културниот живот. Во рамките на програмата имаше и читања на извадоци од книги отпечатени на Брајово писмо, кои се дел од библиотечниот фонд на „Браќа Миладиновци“. Книгите се донација од Град Скопје и претставуваат придонес кон проширувањето на пристапните содржини за читателите со оштетен вид. Со оваа активност библиотеката ја нагласува својата улога не само како место за позајмување книги туку и како јавен простор во кој знаењето и културата треба да бидат достапни за сите – велат од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Натаму, одбележувањето на празникот на белиот стап се реализира и во општината Илинден, каде што на 13 октомври се одржа инклузивен саем под мотото „Допри. Слушни. Почувствувај. Разбери.“. Настанот беше организиран во соработка со ООУ „Гоце Делчев“ и Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје. Посетителите имаа можност да се запознаат со Брајовото писмо, тактилните наставни материјали, асистивната технологија, адаптираните игри и спортските активности. Целта беше на практичен начин да се приближат предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид, но и можностите за нивно активно вклучување во заедницата.
Паралелно со едукативните активности, Денот на белиот стап повторно го отвори јавно прашањето за самостојноста и мобилноста на слепите лица и лицата со оштетен вид во градовите во државава. Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ повторно порача поголемо граѓанско мобилизирање и потреба од безбедни тротоари, функционални звучни семафори и пристапен јавен превоз. Непрописно паркираните автомобили, предметите поставени на пешачките патеки, градежните пречки и недостигот од достапни информации можат да го отежнат или да го оневозможат самостојното движење.
– Она што за еден граѓанин е обична прошетка до продавница, автобуска постојка или работно место, за лице со оштетен вид може да претставува низа безбедносни предизвици. Затоа, пристапноста не може да се сведе на повремени кампањи или на симболично одбележување на еден датум. Потребни се континуирани инвестиции, соодветно одржување на инфраструктурата, примена на прописите и активно учество на лицата со попреченост во планирањето на јавниот простор – изјавија од коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“.
Симболот на правото за човекот сам да одлучува за сопствениот живот
– Белиот стап е многу повеќе од помагало за ориентација. Тој е симбол на самостојноста, слободата на движење и правото човекот сам да одлучува за сопствениот живот. Меѓународниот ден на белиот стап затоа е и потсетник дека инклузијата не завршува со разбирањето на туѓите предизвици, туку почнува со отстранувањето на пречките што општеството ги создава. Од библиотеките и училиштата до тротоарите и автобусите, секојдневните услови покажуваат колку навистина се почитуваат еднаквите можности. Пораката од годинашното одбележување е дека правото на образование, култура, мобилност и достоинствен живот мора да важи за секого, без исклучок – вели наша соработничка и соговорничка од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која активно учествуваше во организацијата на одбележувањето на овој настан. С.Р.
Предизвиците при остварување на правата, самостојноста иa мобилноста
на слепите лица и лицата со оштетен вид
Секоја година на 15 октомври вниманието на јавноста се насочува кон слепите лица и лицата со оштетен вид. Но вистинското прашање не е колку добро општеството ќе го одбележи овој ден, туку колку ќе направи нивното секојдневие да биде побезбедно и понезависно. Белиот стап е едно од најпрепознатливите помагала за ориентација и мобилност. Тој му овозможува на човекот да ги препознава пречките и да се движи посамостојно. Но ниту најдобрата техника на движење не може целосно да ги надомести непристапните тротоари, неправилно поставените тактилни патеки или нефункционалните звучни семафори. Тука почнува одговорноста на институциите.
· Прво, пристапноста е мерка за квалитетот на градот. Таа не се оценува само според тоа дали постои тротоар, туку дали тој е прооден, безбеден и логично поврзан со пешачките премини и јавниот превоз. Не е доволно да се постави тактилна патека ако на нејзиниот крај има пречка. Не е доволно да постои звучен семафор ако не функционира.
· Вториот голем предизвик е пристапот до знаењето. Книгите на Брајово писмо, аудиокнигите, пристапните дигитални содржини и асистивната технологија се важни предуслови за еднакво образование и културно учество. Затоа, активностите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ имаат значење што ја надминува рамката на една работилница. Имено, тие го отвораат прашањето кому му е достапно знаењето и под кои услови.
· Третиот предизвик е општествениот однос. Инклузијата не значи само помош кога е неопходна туку и создавање услови луѓето со оштетен вид да учат, работат, патуваат и учествуваат во јавниот живот без непотребна зависност од другите. За да се случи тоа, потребни се конкретни чекори, а тоа се проверка на пристапноста на јавните површини, отстранување на пречките, редовно одржување на звучните сигнали, пристапни информации во јавниот превоз и вклучување на лицата со оштетен вид во донесувањето одлуки.
– Меѓународниот ден на белиот стап не треба да биде само ден на подигнување на свеста туку и почетна точка за проверка на резултатите. Нашите секојдневни прашања, а не само на Денот на белиот стап, се: Колку пречки се отстранети? Колку јавни услуги станале пристапни? Колку луѓе можат посамостојно да се движат низ градот? Одговорите на овие прашања ни се поважни од свечените пораки. Скопје полека но сигурно влегува во зоната да биде вистински инклузивен град, онаков во кој човекот не мора секој ден да се бори со околината за да стигне до својата цел. Белиот стап помага да се совлада просторот. Обврска на општеството е тој простор да не биде исполнет со непотребни бариери, кои ние секојдневно се бориме да ги елиминираме – велат од Град Скопје. С.Р.
































