Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека носењето заштитни маски и вакцинирањето во области во кои доминира делта-сојот на коронавирус се најдобриот начин да се избегне заклучувањето што земјата го доживеа минатата година.
Администрацијата на Бајден размислува да воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19 за вработените во САД во федералните институции.
„Во моментов ја разгледуваме таа опција“, рече Бајден на прашањето дали администрацијата размислува за таков потег.
Целосно вакцинираните Американци треба да почнат да носат маски во затворени простории во региони каде што вирусот, особено неговата делта-варијанта, брзо се шири, објави претходно американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Центарот ги повика сите наставници и учесници во градинки и училишта до 12 одделение да носат маски без оглед на статусот на вакцинација.
Со тоа, Центарот целосно ја промени својата одлука од мај, кога објави дека целосно вакцинираните лица нема да мора да носат маски на отворено и во повеќето затворени простории.
Соединетите Американски Држави имаат најголем дневен број на новозаразени со коронавирус во светот.