Загреб – Кај Славонски Брод вчераутро се случила тешка сообраќајна несреќа, во која животот го загубиле десет лица, а триесетина се повредени. Во близината на наплатната рампа на патарината Славонски Брод – Запад, автобус со косовски регистерски таблички од непознати причини слетал од коловозот. Полициските службеници извршија увид за да ги утврдат околностите и причините поради кои се случила несреќата, информираат од хрватското МВР. Началникот на сообраќајната полиција од Славонски Брод, Фрањо Галиќ, вели дека е утврдено дека се работи за автобус со косовски регистерски ознаки што патувал на редовната линија Франкфурт – Приштина. Според него, ова е можеби најтешката сообраќајна несреќа што ја видел досега. („Хина“)
Софија – Денот на предавање на мандатот на партијата победник на изборите за формирање на новата бугарска влада ќе биде познат кога партиите ќе гарантираат дека постигнале резултат во преговорите, потенцира бугарскиот претседател Румен Радев. Според него, партиите мора да дадат јасни гаранции дека ќе создадат таква влада, која ќе биде обединета околу приоритетите и целите што се во интерес на бугарските граѓани. Раководството на
Националниот совет на Бугарската социјалистичка партија (БСП) ќе решава дали ќе ги продолжи разговорите со партијата победник ИТН за можна соработка во идната влада. („360 степени“)


Бисер балкански

Косовски „културоцид“

– Владата на Косово влезе во една бизарна и непотребна војна со српскиот идентитет на Косово. Институциите очајнички се борат против српската симболика, а таа борба оди од банални акции, како што е конфискување предмети со српска иконографија од верниците на Газиместан, до многу загрижувачки трендови, како што е негација на српското културно наследство и на Косово – вели Рада Трајковиќ, српска политичарка од Косово, во разговор за агенцијата „Југпрес“.
Владата на Косово се служи со „алтернативни“, односно со лажни историски факти и активно го дезинформира косовското општество. Наративот околу културното наследство агресивно се албанизира и оди кон патот на културоцид, предупредува Трајковиќ.