Техно
Компаниите „Таг хоер“ и „Нинтендо“ се здружија и заедно дизајнираа специјален модел на паметен часовник. Попрецизно станува збор за верзијата Супер Марио на часовникот „конектед“, што содржи лик на легендарниот херој од игрите и користи Веар ОС. Часовникот прикажува различни анимации во кои ликот на Марио ги мотивира корисниците да бидат активни, па ги наградува додека се движат. Од „Таг хоер“ велат дека активниот карактер на Марио ќе влијае на сопствениците на овој паметен часовник и оти тие ќе уживаат во движењето. Колку корисникот ќе биде поактивен, толку анимациите ќе бидат „поживи“.
Ќе го поздравува сопственикот секое утро, а анимациите ќе се менуваат како што корисникот достигнува 25, 50, 75 или 100 отсто од планираните чекори, односно поминатата дестинација. Дури и кога корисникот не е активен, часовникот ќе го потсетува на легендарниот херој Супер Марио. Можно е да се одбере меѓу четири дизајни, а присутни се и ретроелементи од верзијата на играта создадена во 1985 година. Продажбата почнува денеска, по цена од 2.150 долари, а ќе можат да се купат само 2.000 примероци од овој часовник.