Деновиве најсреќни се оние што се наоѓаат на езеро, покрај река, на море, во бања или на планина, но како да преживеат оние што барем засега се осудени на престој во градовите на 40 степени, опкружени со жежок асфалт, во градскиот превоз каде што се борат за воздух, а сепак, тоа е неизбежна варијанта бидејќи мораме да ги завршиме дневните обврски.
Седете дома од 10 до 16 часот
Уште во јуни соборувавме температурни рекорди, краткотрајното освежување многумина не го ни почувствуваа, а веќе следува нов топлотен бран. Метеоролозите најавуваат дека ова лето ќе биде потопло од вообичаено, со неколку периоди со многу високи температури. Затоа треба да се подготвиме.
Лекарите советуваат дека во најтоплиот дел од денот, од 10 до 16 часот, не треба да се излегува од дома, бидејќи така ќе се избегнат несаканите последици.
Меѓутоа, ако морате да излезете, за да не колабирате секогаш со себе имајте нешто солено, нешто благо, барем бонбона и шише со вода, препорачуваат од итната медицинска помош. Облечете лесна облека од природни материјали, ставете очила за сонце и задолжително ставете капа или шешир. Дури и така „вооружени“, доколку е можно, одете под сенка и во климатизиран превоз.
Избегнете го готвењето во врелите денови
А ако сте дома и треба да подготвите нешто за јадење, а на вакви високи температури не ви се вклучува шпорет, тогаш што да се јаде за појадок, за ручек и вечера и што ќе ни помогне да се разладиме? Можете да направите лесен кашест сок, на пример, напиток од банана, костенливо овошје и млеко од соја или направете си детокс со чај од мајчина душичка, кој е одличен пијалак за време на летните денови. Кога е жешко, особено треба да се избегнува пиење алкохол и газирани пијалаци. Најдобро е во исхраната да вклучите што повеќе зеленчук, да јадете житни снегулки за појадок и овошје, кое содржи голем процент вода, како лубеница или диња, но и кајсии, праски и др.
Сладоледот е секогаш асоцијација за високите температури, а оние што водат сметка и за тежината можат самите да направат и поздрава варијанта од парчиња замрзнато сезонско овошје.
Трудниците, бебињата и старите лица најзагрозени
Горештините најмногу проблеми им задаваат на бремените жени, на бебињата, на децата и на старите лица. Кога сме во портокалова или во црвена фаза, бебињата треба да се носат на прошетка порано наутро или подоцна попладне.
Лекарите од итната медицинска помош велат дека деновиве имале многу повици од родители чии деца биле дехидрирани, на кои им се слошило или колабирале.
– Доколку дојде до тоа, веднаш треба да му се даде вода на детето, да се стави да легне и да го однесете во најблиската здравствена установа. Не доаѓа предвид оставање на деца во затворен автомобил изложен на сонце, зашто последиците можат да бидат фатални – апелираат лекарите.
Претпазливост при влегување во вода
И на оние што сакаат да ја ублажат градската жега со посета на реки и базени им се советува претпазливост. Не се препорачува загреани да скокате во водата, бидејќи колку и да е жешко надвор, водата е многу постудена од телото и можете да доживеете вистински шок.
За да ги избегнете несаканите последици, најпрво натопете ги рацете и нозете и полека влегувајте во водата. Спасителите на плажите особено апелираат до граѓаните да не ги преценуваат своите можности и да не се впуштаат во препливување реки, езера или таму каде што нема луѓе.
И на крајот, кога ќе дојде посакуваниот ден и кога со својот автомобил ќе тргнете на годишен одмор, важно е возачот да биде одморен, а автомобилот разладен.