Фото: Игор Бансколиев

Нашите инспектори се на терен и ги контролираат автобусите и оваа состојба, а истите тие ќе ги засилат нивните активности на терен. Ги повикуваме сите граѓани што ќе забележат ваква појава истата таа да ја пријават до инспекторатот на Град Скопје, потенцираат од Градот

НЕ СЕ ВКЛУЧУВААТ КЛИМА-УРЕДИТЕ ВО НЕКОИ АВТОБУСИ

Жешкото време, високите летни температури и неподносливо задушливиот воздух, ги принудија граѓаните да го зголемат користењето на автобускиот превоз, бидејќи пешачењето во овие временски услови воопшто не е препорачливо во периодот од десет до 17 часот.
Факт е дека обврските мора да се завршат, независно какви се временските услови и покрај предупредувањата за штетните последици од високите температури по човечкото здравје.

АВТОБУСИ БЕЗ КЛИМА-УРЕДИ

За жал, на овие пеколни горештини, граѓаните велат дека клима-уредите во многу автобуси не функционираат, односно дека не се вклучени.
Борбата за отворен прозорец е доста тешка, особено доколку во нив се возат луѓе што имаат страв од фамозната „промаја“, од која најмногу се разболуваме само ние на Балканот.
– Не знам од која причина не беше вклучена климата во автобусот, но верувајте внатре не се издржуваше. Беше ужасно задушливо и спарно, а прозорецот беше затворен и не смеевме да го отвориме, затоа што неколку лица не ни дозволија поради тоа што ќе ги дувала промаја. На една девојка дури ѝ се слоши во автобусот. Задушливиот воздух плус и заштитната маска преку устата и носот, навистина придонесуваат за влошување на здравствената состојба на патниците – вели Благица Боцева.
Според корисниците на јавниот градски превоз, состојбата не е ваква во сите автобуси, туку во некои.
– Има и возачи што ја вклучуваат климата, па возењето е пријатно. Но во оние каде што не е, особено во периодите кога има зголемена фреквенција на патници, навистина е тешко да се возите во автобус – вели таа.

ИНСПЕКТОРИТЕ СЕ НА ТЕРЕН

Градските власти велат дека редовно ги контролираат превозниците што вршат организиран јавен превоз во рамките на Скопје.
– Град Скопје редовно врши контрола врз сите лица што вршат организиран јавен превоз во рамките на градот Скопје, во согласност со Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје.
Во однос на температурата, во согласност со прописите, сите автобуси што вршат јавен превоз во Скопје мора да се проветруваат и температурата мора да биде помеѓу 10 и 25 степени. Доколку превозниците не се придржуваат до овие одредби, истите тие можат да бидат санкционирани од страна на овластените инспектори за патен сообраќај на Град Скопје – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека инспекторите се на терен и ќе ги санкционираат сите што не се придржуваат до овие правила.
– Нашите инспектори се на терен и ги контролираат автобусите и оваа состојба, а истите тие ќе ги засилат нивните активности на терен. Ги повикуваме сите граѓани што ќе забележат ваква појава истата таа да ја пријават до инспекторатот на Град Скопје – потенцираат од Градот.

[email protected]