Фото: Игор Бансколиев

Речиси по секој викенд, шумите, реките и излетничките места се полнат со пластична амбалажа и секакво ѓубре. Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека постојано добиваат пријави од совесни граѓани за оваа појава речиси во сите општини и редовно се обраќаат до градоначалниците. Од Министерството за животна средина решението на проблемот го гледаат во заедничко дејствување на креаторите на политики, локалната самоуправа, бизнис-секторот, граѓанските здруженија и самите граѓани

ПРИРОДАТА НА УДАР НА НЕСОВЕСНИТЕ ГРАЃАНИ

Премногу пластична амбалажа и секакво ѓубре се фрлаат во нашите реки, шуми и на излетничките места, кои се претрупани со отпад. Така е по секој викенд, кога сите бараат оддишка во чиста и убава природа, но притоа некои како да забораваат да ја остават чиста и за своето наредно доаѓање. Колку инспектори и да шетаат низ државава и да казнуваат нема да постигнат и не ќе можат да одат по секого и да му бидат зад грб за да го опоменуваат или казнуваат што каде треба да фрла. Природата е непроценливо богатство и таа мора да се заштитува и чува.
Несоодветното постапување со пластичната амбалажа е проблем и во урбаните средини, а тоа го покажуваат и сликите на малите диви депонии што се создаваат на јавни површини, како и сликата на реките полни со пластични шишиња и друг отпад, особено по секој обилен дожд. Во таа насока се наметнува прашањето има ли ресорното Министерство за животна средина стратегија како да се исчисти природата од сето ѓубре и дали сериозно треба да се поработи на идејата за селекција на отпадот уште од домовите на граѓаните.
– Министерството за животна средина интензивно и во континуитет работи на воспоставување систем за управување со отпад, кој ќе даде видливи резултати во однос на неправилното фрлање отпад и создавањето на ѓубриштата. За решавање на овој проблем, мора да работиме сите заеднички – креатори на политики, локална самоуправа, нивните комунални претпријатија, бизнис-секторот и колективните постапувачи со отпад, но и граѓанските здруженија и самите граѓани. Најголемиот дел од проблемот произлегува од недоволната свесност дека сите ние сме должни отпадот што го создаваме да го фрламе на локации одредени за тоа. Осознавањето дека не секој отпад е ѓубре, туку дека тој има употребна вредност и развивањето позитивни навики на селектирање и рециклирање е она на што сме фокусирани и во делот на изградба на регионалните центри за управување со отпадот и во воспоставување на системот за селекција, како и во засилувањето на инспекциските контроли – велат од Министерството за животна средина.

На удар и националниот парк Галичица и Радика

Оние што ја сакаат природата и често ја посетуваат тврдат дека нема река во земјава што не е загадена од секаков отпад.
– Секое одење во шума или планина забележувам пластични шишиња, ќесиња и морам да забележам малку помалку од порано, веројатно свеста отишла понапред и едукацијата помогнала. Забележувам во националниот парк Галичица, кај селата Пештани и Трпејца, депонии од кабаст отпад и се прашувам како луѓето го донеле таму, на непристапен терен со возило. Сега скоро во реката Радика, која важеше за многу чиста река, видов фрлен фрижидер, нема река што не е загадена со ѓубре. Нема село кај што нема некој дол каде што луѓето истуриле ѓубре. Има решение за проблемот, но треба да се спроведе институционално, локалните заедници да одредат простор што ќе се огради и таму ќе се фрла ѓубрето и од таму ќе се транспортира на соодветни депонии. Исто така со машини за мелење дел од отпадот со селекција може да се користи за тампонирање на селските патишта, а постои начин и преку селекција на биоразградлив отпад да се искористи за енергија. Толку многу проекти се направија, а за жал, останаа на хартија и не се применети – вели Јане Ацевски, професор на Шумарскиот факултет во Скопје и голем љубител на природата.

Пријави стигнуваат и до инспекторатот

Од Државниот инспекторат за животна средина кажуваат дека тие вршат надзор над загадувачите што имаат добиено таканаречени А интегрирани еколошки дозволи, а постапувањето со отпадот оставен на излетничките места го контролираат комунални редари и општински комунални инспектори.
– Вршиме надзор и врз правни лица што во согласност со дозволи издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање постапуваат со отпад. Вакви дозволи за собирање и транспортирање на отпадот имаат добиено јавните комунални претпријатија што го собираат создадениот отпад од домаќинствата, правните лица што вршат комерцијални дејности и индустријата. Вршиме надзор и врз начинот на постапување со отпадот на општинските депонии, за да обезбедиме минимални технички услови што опфаќаат дневно прекривање на отпадот со земја и контролирање на пристапот на депониите за да се спречи отпадот да гори и да се емитираат загадувачки материи. Постапувањето со отпадот оставен на излетничките места го контролираат комунални редари и општински комунални инспектори, во согласност со Законот за јавна чистота. Во членот 42 од Законот за управување со отпадот јасно е наведено дека градоначалникот на општината е одговорен за постапување со напуштен отпад на урбанизирани површини и надвор од населените места. Државниот инспекторат за животна средина постојано добива пријави од совесни граѓани за нелегално депонирање отпад покрај реките и на други локации во речиси сите општини. Свесни сме за сериозноста на ова прашања и затоа редовно се обраќаме до градоначалниците со известување за локацијата на отпадот што треба да се исчисти – вели Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина.
Таа појаснува дека мандатни казни за фрлање отпад во природа изрекуваат комуналните инспектори, кога ќе го затекнат сторителот на самото место. Можно е да се издаде платен налог за правни и физичко лице ако има доказ – фотографија или видеоснимка од непрописно фрлање отпад. Државниот инспекторат вакви пријави веднаш препраќа до општинските инспектори, за да може да се санкционираат овие прекршувања, а со тоа да се спречат вакви појави и во иднина. С.К.