Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин денеска разговараа преку телефон, соопшти Белата куќа. Како што се наведува, двајцата лидери разговарале за кибербезбедноста и за Сирија.
Американскиот лидер објави дека Вашингтон ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своите луѓе и инфраструктурата од киберзакани и побара од Русија да спречи активности на хакери на нејзина територија.
– Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека претседателот (Владимир) Путин треба да преземе чекори за да ја спречи работата на хакерските групи. Знаеме дека (хакерите) REVil работи во Русија и во други земји. Немаме други информации дека Руската влада ги насочила овие напади – се вели во соопштението на Белата куќа.
Покрај тоа, Путин и Бајден ја пофалија работата на тимовите на двете земји за Сирија, по самитот на Русија и САД во Женева, што резултираше со усвојување на резолуција за продолжување на прекуграничната хуманитарна помош за Сирија.
Разговорот траеше околу еден час.