Пинтерест станува првата голема технолошка компанија што ги забранува сите реклами за слабеење на својата платформа, забранувајќи реклами со пораки и слики за слабеење, потег што веројатно само малку ќе го намали големиот број штетни пораки на платформите на социјалните медиуми.
Оваа политика е развиена со Националното здружение на нарушувања во исхраната на САД и конкретно ќе забрани пораки или слики поврзани со слабеење, сведоштва за слабеење, реклами што оцрнуваат или идеализираат одредени типови на тело, упатувања на индексот на телесна маса и производи со кои се тврди дека може да ослабете со нанесување нешто на кожата, пишува списанието „Адвик“.
Промената на политиката на компанијата не се однесува на профилите на корисниците, од кои многумина имаат милиони следбеници и продолжуваат да промовираат нездрави ставови за изгледот на телото и „културата на исхраната“, со профили специјално посветени на „слаби луѓе“, „тајни за слабеење“ и „губење на тежината“.
И покрај ширењето на „културата на исхраната“, која веќе се наоѓа на Пинтерест, ваквиот потег доаѓа откако компанијата откри дека корисниците пребаруваат повеќе „телесна неутралност“, „цитати за здраво размислување“ и „престанок да се исмеваат одредени форми на тело“.
Пинтерест е важен за обезбедување инспирација. Критичен дел од овој процес на откривање е создавање безбеден простор за корисниците да се изразуваат, поради што сме горди што усвоивме забрана за сите реклами за слабеење, диети и исмејување на телото – рече Аја Канаи, менаџерка за содржина на Пинтерест.
Како дел од промената, плус-сајз моделот и инфлуенсерка Табриа Мејџес, Шикита Хајмен, Тифани Ајма и Алекс Мајкл Меј ќе споделуваат содржини за неутралноста на изгледот на телото.
– Разговорите за неутралност на телото што сега се одржуваат преку интернет се одличен начин да се промовира прифаќањето, но, сепак, гледаме несакана размена на пораки за нашите тела. Од волшебни апчиња за слабеење до екстремни планови за исхрана и слики што исмеваат подебели тела, тешко е да се избегнат сите овие штетни пораки. Затоа сум многу среќна што станав партнер со Пинтерест во нивните напори да станат првата голема платформа што ќе ги забрани сите реклами со пораки и слики за слабеење – изјави Мејџес.