Одушевен сум, вака треба да биде на фудбалските мечеви. Критериумите за прекршоци се сменија, но никој не го злоупотребува тоа. Сите судии имаат ист пристап, без разлика на сѐ, тоа е одлично и многу му помага на фудбалот, изјави Карел Поборски, поранешниот крилен напаѓач на Чешка

ФУДБАЛ

Судиите на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 во голема мера останаа надвор од фокусот на вниманието, со помалку контроверзни одлуки од вообичаените, следејќи го популарниот тренд на „пуштање играта да тече“. Имаше помалку досудени прекршоци, жолти и црвени картони, а играчите повеќе време ја имаа топката во посед на натпреварите во групната фаза, покажуваат официјалните податоци, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП). Повеќемина играчи, тренери и експерти се согласни дека судењето досега беше добро.
– Одушевен сум, вака треба да биде на фудбалските мечеви. Критериумите за прекршоци се сменија, но никој не го злоупотребува тоа. Сите судии имаат ист пристап, без разлика на сѐ, тоа е одлично и многу му помага на фудбалот – изјави Карел Поборски, поранешниот крилен напаѓач на Чешка.
Претседателот на Комитетот на судии при Европската фудбалска унија, Роберто Росети, вели дека планот не бил судиите да досудуваат помалку прекршоци.
– Нашата улога е да донесуваме правилни одлуки. Многу сме среќни што гледаме дека во моментов има помалку прекршоци – изјави поранешниот италијански судија.
Просекот на досудени прекршоци во групната фаза е 22,4 по натпревар, што е помалку од 25,3 на ЕП 2016. Бројката на покажани картони падна на 2,7, од 3,6 по натпревар на минатото ЕП. Активното време на играње фудбал се искачи на речиси 59 минути по натпревар, од 56,5 минути во 2016 година.

Податоците покажуваат и дека системот видеоасистент-судија (ВАР), кој првпат се користи на ЕП, ја смени играта. Во групната фаза беа досудени 14 пенали, двојно повеќе од ЕП 2016, а ВАР беше искористен за процена на 179 ситуации на 36 натпревари.
– Треба да најдеме точна рамнотежа во однос интервенцијата на ВАР, бидејќи нашата цел е да го задржиме фудбалот каков што е. Целта е да се интервенира само за јасни и очигледни грешки, односно минимално мешање за максимална корист – вели Росети.
Сепак, и покрај сѐ, и понатаму најважни се судиите со свирчињата, кои, исто така, ја сменија тактиката, како што објаснува поранешниот англиски судија Марк Халси.
– Судиите разговараат со играчите, се смеат со нив, но немаат проблем кога е потребно да го покажат авторитетот. Она што е битно е дека судиите ги поставија своите нивоа на толеранција. Можеме да видиме како тие не се премногу агресивни или службени и соработуваат со играчите, кои го почитуваат тоа – вели Халси.