По две години, одново возбудувања на Вимблдон

ТЕНИС

Улогата на бранител на титулата освоена во 2019 година ќе ја има светскиот рекет број еден Ѓоковиќ, кој сезонава ги освои гранслем-трофеите на Ролан Гарос и на Австралија опен и ако триумфира и во Лондон би се изедначил со Надал и со Федерер според гранслем-титулите и би станал четврти тенисер во т.н. опен ера што трипати во низа го освојувал Вимблдон

По двегодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот, денеска на тениските терени во Лондон почнува 134-то издание на престижниот тениски гранслем-турнир Вимблдон во машка, односно 127-то во женска конкуренција. Вимблдон е единствениот гранслем-турнир што во минатата година не се одржа.

Улогата на бранител на титулата освоена во 2019 година ќе ја има светскиот рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ, кој сезонава ги освои гранслем-трофеите на Ролан Гарос и на Австралија опен. Доколку триумфира и во Лондон, тоа би му било шести триумф на турнирот во Вимблдон и 20-та гранслем-титула, со која би се изедначил со Рафаел Надал и со Роже Федерер и би станал четврти тенисер во т.н. опен ера на тенисот (од 1968 година), по Федерер, Бјорн Бјорг и по Пит Сампрас, кој трипати во низа го освојувал Вимблдон.

Во првото коло, Ѓоковиќ за противник ќе го има Британецот Џек Драјпер, а негови најголеми ривали на патот кон 20-та гранслем-титула во следните две недели би можеле да бидат Стефанос Циципас, Александар Зверев, Данил Медведев. Поради разни причини, своето учество од годинашниот гранслем-турнир Вимблдон го откажаа Надал, Милош Раониќ, Доминик Тим, Давид Гофин, Станислас Вавринка, Кајл Едмонд, Ричард Гаске, Борна Чориќ…

На турнирот за тенисерки своето учество го откажа шампионката од 2019 година, Симона Халеп, потоа Наоми Осака, Џенифер Бреди, Кристен Флипкенс, Барбора Стрицова… па дел од имињата што би можеле да направат сериозна приказна на Вимблдон годинава се првата носителка и светски рекет број еден Ешли Барти, шампионката од Ролан Гарос годинава, Барбара Крејчикова, младата Ига Свјонтек, Петра Квитова, Габринe Мугуруза, Елина Свитолина…

Во пресрет на турнирот, организаторите на Вимблдон објавија дека турнирот ќе се игра пред 50 отсто публика од капацитетот на гледалиштата, така што бројот на гледачи би растел до последниот викенд, за финалињата во машка и во женска конкуренција да се играат пред полни трибини на централниот терен.
Наградниот фонд на годинашното издание на турнирот ќе биде 35 милиони фунти, од кои шампионите во поединечна конкуренција ќе освојат по 1,7 милион фунти.