Во музејот на современата уметност „Метелкова“ во Љубљана се отвора изложбата „Реализирајте! Спротивставете се! Реагирајте! – Перформанс и политика во 1990-тите во постјугословенскиот контекст“ каде што кураторки од Македонија се Ивана Васева и Биљана Тануровска-Ќулавковски, кои во рамките на изложбата го разгледуваат политичкото во перформансот преку примери на уметнички перформанси во Македонија во 1990-тите години, кои се во полето на визуелната уметност, театарот и танцот, но и надвор од уметничкото поле, односно во поширокото културно поле.
Дел од селекцијата вклучува дела од: Искра Димитрова, Александар Станкоски, Влатко Галевски, Игор Тошевски, Роберт Јанкулоски, уметничката група „Елементи“, Оливер Мусовиќ и Ирена Паскали. Исто така, во приказите на настани и простори се прикажани архиви од изведени дела од Александар Поповски и Дарко Митревски, Зоја Бузалковска и Иван Поповски, Сашо Миленковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Владимир Милчин, Горан Тренчовски итн., како и настани и простори што се клучни за развој на изведбата/перформансот како критичко и политичко проширено поле.
Изложбата во Љубљана се фокусира на политичкиот перформанс во постјугословенскиот контекст на 1990-тите години. Таа деценија беше исклучително тешка за регионот и обележана со војни, национализам, ревизионизам, корупција, транзиција и брзорастечка капиталистичка економија. Овој период ги обележи, односно остави длабока трага во годините што следуваа. Изложбата е дел од едногодишно истражување. Изложбата вклучува повеќе од 120 уметнички дела, архивски материјали и видеодокументи од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора и од Македонија и е структурирана околу следниве теми: војна, национализам, тело, нови простори, демонстрации, држави, територии, нови граници, другиот, феминизмот и медиумите.