Јасно дека тоа подразбира големи политички загуби за секој што ќе се одважи од комплексните односи и процеси во земјава да ги издвои како приоритети сосема едноставните пребројувања какви што се пописот на населението, на (не)вработените, на корисниците на сите видови социјална и здравствена заштита и помош, на образовните установи и на сите други субјекти што ја остваруваат и едукативната функција…, и дури потоа, врз основа на јасно утврдени критериуми, ќе инвестира во нивното надградување
Владата, барем според објаснувањето на еден од нејзините членови, конечно го препознала човечкиот капитал како приоритет и со предложениот ребаланс на буџетот, издвоила 2,7 милијарди евра за инвестиции во образованието, здравството и во социјалната заштита. Тоа, како што пред некој ден рече заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски пред претставниците на универзитетите и на бизнис-заедницата, е за над половина милијарда евра повеќе во однос на претходните години и би требало да биде дополнително засилување на, според него, веќе неколкупати во изминатиов период зголемените средства за таканаречените владини активни мерки, кои имаат цел, преку подобрата социјална и здравствена заштита и преку поквалитетното образование, да го намалат јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот како, сега веќе, главен услов за постпандемиската обнова на економијата. За ефектите од средствата што досега се потрошени за таа намена, а кои според деталното образложение на заменик-министерот воопшто не се за потценување, веќе и премногу често може да се слушне од стопанствениците, кои никако да ги задоволат своите потреби од квалификувана работна сила, а може да се види и со голо око од, вистина, не баш сигурни статистики за (не)вработеноста во земјава, како и од слободните процени за уделот на неформалната во вкупната економија.
На проблемот, меѓу другите, укажа и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која на еден од неодамнешните регионални собири зборуваше токму за потребата од „зголемување и трансформирање на човечкиот капитал во економијата…“.
Но колку тој е навистина голем покажуваат последните објави на Светската банка, каде што Македонија е на дното на листата на европските, па и на светските земји според индексот на човечкиот капитал поради што, од различни извори, досега се повлечени значителни средства за подобрување на оваа состојба.
Со толку вложувања, досега би требало да има барем некакви видливи резултати, а ги нема. Бизнис-секторот веќе извесно време се обидува да интервенира при креирањето на наставните програми, со цел нивните потенцијални кадри да се стекнат со потребна стручност и компетентност за да можат да се вклучат во работниот процес по завршувањето на образованието. Заради тоа веќе се потпишани голем број договори со образовните установи, но за резултатите од нивната реализација, барем во пошироката јавност, досега не се слушна.
Работниците, особено квалификувани, и понатаму ги снемува, стопанствениците најавуваат оти ќе бидат принудени да ги редуцираат, па дури и стопираат деловните активности, парите како да се прелеваат од шупливо во празно, а Владата продолжува да се гордее со своите постигнувања.
Работниците, особено квалификувани, и понатаму ги снемува, стопанствениците најавуваат оти ќе бидат принудени да ги редуцираат, па дури и стопираат деловните активности, парите како да се прелеваат од шупливо во празно, а Владата продолжува да се гордее со своите постигнувања. Во тој маѓепсан круг, неповратно се губат не само човечкиот, финансискиот и секаков друг капитал туку и потенцијалот за нивната идна акумулација, поради што веќе сега е тешко да се зборува и за преживување на економијата, а камоли за нејзиното постпандемиско заздравување
Во тој маѓепсан круг, неповратно се губат не само човечкиот, финансискиот и секаков друг капитал туку и потенцијалот за нивната идна акумулација, поради што веќе сега е тешко да се зборува и за преживување на економијата, а камоли за нејзиното постпандемиско заздравување.
И не станува збор сега за тие дополнителни половина милијарда евра што Владата планира да ги насочи во социјалата, здравството и во образованието, ниту за сите оние претходно потрошени, туку за редоследот на нештата. Стручните луѓе постојано го објаснуваат тоа, но поедноставно кажано, мора да се знае во што се вложува, да се почне од почеток.
Што подразбираме под човечкиот капитал? Најпросто кажано, тоа се знаењата, вештините и здравјето што луѓето ги стекнале во текот на својот живот и кои им овозможуваат да го реализираат својот потенцијал како продуктивни членови на општеството, искористлива работна сила.
Затоа, клучна е референтна оцена на состојбата, пред сѐ, на населението, што е возможно само со спроведување на веќе предолго одложуваниот попис, а потоа и на пазарот на трудот, за што постојат голем број владини ресори, агенции и тела, како и самостојни и независни асоцијации и организации. Само врз таквата сигурна оцена можат да се изградат здрави и одржливи образовни и здравствени политики и стратегии, кои се неопходни за стабилизирање на пазарот на трудот и за постпандемиското заздравување на економијата. Но ни тука не смее да се застане, потребно е и постојано ажурирање на податоците, поточно конзистентно развивање на системот на информирање за реалните образовни и квалификациски потреби на пазарот, а паралелно со тоа и доследно и квалитетно следење, оценување и рангирање на одделните образовни установи. Јасно дека тоа подразбира големи политички загуби за секој што ќе се одважи од комплексните односи и процеси во земјава да ги издвои како приоритети сосема едноставните пребројувања какви што се пописот на населението, на (не)вработените, на корисниците на сите видови социјална и здравствена заштита и помош, на образовните установи и на сите други субјекти што ја остваруваат и едукативната функција…, и дури потоа, врз основа на јасно утврдени критериуми, ќе инвестира во нивното надградување. Вака, како што нештата моментално се поставени, не треба да зачудува тоа што јавноста повремено се „шокира“ од случаите каде што државните пари, но и оние добиени или позајмени од странство, се трошат без никакви, или под крајно проблематични критериуми.