Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, посетата на министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, на Скопје ја искористи да и врачи постхумно признание по повод 30 години независност, на Ана Линд, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ во 2001.
– Ние особено го вреднуваме придонесот на Ана Линд, низ призмата на развојот и активното вклучување на Северна Македонија како модерна и просперитетна членка на меѓународната заедница. Ана Линд, во својство на министер за надворешни работи на Шведска и претседател на Советот на министри на ЕУ, одговорна за застапување на официјалната надворешно-политичка позиција на Европската унија, придонесе неизмерно за финализирање на преговорите и за потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу Северна Македонија и ЕУ во Луксембург на 9 април 2001. Северна Македонија беше првата земја од Западен Балкан која тогаш успешно ги заврши преговорите и потпиша ваков договор со ЕУ. Министерката Линд, која ја претставуваше ЕУ, исто така, имаше конструктивна и важна улога и за време на конфликтот во 2001 година, повикувајќи на меѓуетнички дијалог и зајакнување на врските со ЕУ врз основа на новиот Договор за стабилизација и асоцијација – истакна Османи при врачувањето на признанието.
Во рамките на проектот на министерството за надворешни работи, по повод 30 години независност на Македонија, Османи ќе врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на нашата држава и регионот. Со овој чин се придава симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество, велат од кабинетот на Османи.