Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, вчера оствари билатерална средба со австрискиот канцелар и домаќин на Самитот за Западен Балкан во Виена, Себастијан Курц.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев упатил благодарност за огромната поддршка на Австрија за Македонија и за европската иднина на целиот регион и го охрабрил канцеларот Курц да продолжи со извонредниот и посебен ангажман.
Соговорниците констатирале дека крајно време е Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација.
Заев и Курц изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство.
Крајно време е за добри вести и прогрес по европскиот пат за целиот регион, рече вицепремиерот за економски прашања Никола Димитров на Самитот за Западен Балкан во Виена, на кој учествуваше на покана на австриската министерка, Каролине Едштадлер.
Тематскиот панел беше фокусиран на размена на мислења за процесот на проширување на Европската Унија, при што се дискутираше за предизвиците во пристапниот процес на регионот во светлото на новата методологија за преговори, користењето на фондовите од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и стратешката комуникација на ЕУ со регионот.
Вицепремиерот Димитров истакна дека новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати, и на Европската Унија.
– Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни. Крајно време е Унијата да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови – рече Димитров.