Проблемот меѓу двете земји е билатерален и дека така треба да се реши, повтори премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот колега Стефан Јанев по нивната средба во Софија.
– Разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели секаде во светот, но проблемот е билатерален и решението треба да го најдеме овде, билатерално, ние, двете страни. Ако сме одговорни политичари тоа е наша обврска, да работиме на изнаоѓање решение – истакна Заев, кој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение.
На денешната средба бил искоментиран и португалскиот предлог.
– И самата средба денеска е исчекор кон изнаоѓање решение кој е насочен да биде од интерес на двете страни. Само така ќе имаме поддршка од граѓаните на двете земји. Апелирам до братскиот народ во Бугарија преку своите лидери да продолжат со поддршката за Република Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ затоа што нашата земја нема друга алтернатива. Најважно од сé е што веруваме во европските вредности – рече Заев.
Премиерот Јанев на прес-конференцијата подвлече дека Бугарија ја поддржува Македонија на патот кон европското семејство и дека во овој момент има прозорец на можности за отворен и искрен дијалог кој во наредните денови треба да донесе взаемно прифатливи решенија со кои ќе се овозможи да биде продолжена европската перспектива на Македонија.
Заев нагласи и дека решението мора да води грижа за интересите на двете страни. Македонскиот премиер го очекува средба и со бугарскиот претседател Румен Радев.
Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска е во работна посета на Софија со цел интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и деблокада на македонскиот евроинтерграциски процес. Посетата се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.