Шампионатот вечерва го отвораат Турција и Италија во Рим, пред 16.000 гледачи. На ЕП ќе настапат 24 репрезентации, меѓу нив првпат и Македонија, мечевите ќе се играат во 11 земји… Пандемијата на ковид-19 им создаде многу проблеми на земјите-домаќини на ЕП, како и на УЕФА, кои прават максимални напори, пред сѐ од медицинско-безбедносен аспект, сѐ да помине во најдобар ред

Со мечот Турција – Италија на стадионот „Олимпико“ во Рим (21 часот), пред 16.000 гледачи, што е една четвртина од капацитетот, по едногодишно одложување поради пандемијата на коронавирусот денеска почнува 16. Европско првенство (ЕП). Вторпат ќе настапат 24 репрезентации, меѓу нив првпат и Македонија, а натпреварите првпат ќе се играат во 11 земји, по повод и во чест на 60-годишнината од првото ЕП, во 1960 година. Во нокаут-фазата, од 26 јуни, ќе се пласираат по две првопласирани репрезентации од секоја од шесте групи и четири најдобри меѓу третопласираните. Финалето е на 11 јули, на стадионот „Вембли“ во Лондон. Пандемијата на ковид-19 им создаде многу проблеми на земјите-домаќини на ЕП, како и на Европската фудбалска унија (УЕФА), кои прават максимални напори, пред сѐ од медицинско-безбедносен аспект, сѐ да помине во најдобар ред.
– ЕП ќе биде совршена можност да му покажеме на светот дека Европа се приспособува, дека е жива и оти го слави животот. Европа се врати – изјави неодамна претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Проблемите при патувањата и различните протоколи за влез во поединечни земји голем дел од навивачите ќе задржат дома. Организаторите ставија до знаење дека ќе нема никакви исклучоци. Исполнувањето на капацитетите на стадионите ќе варира. УЕФА потврди дека арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта ќе може да прими максимални 67.215 гледачи. На стадионите во Санкт Петербург и во Баку ќе има до 50 отсто, во Амстердам, Букурешт, Копенхаген, Глазгов, Рим и во Севилја од 25 до 45 проценти, а во Минхен до 22 проценти од капацитетот на стадионот. „Вембли“ ќе има минимален капацитет од 25 проценти, со шанси да се зголеми за полуфиналињата и за финалето.
Титулата од ЕП 2016 ќе ја брани Португалија, која се надева дека ќе го повтори успехот на соседите, Шпанците во 2008 и 2012 година, и ќе ја одбрани титулата. Не помалку шанси ѝ се даваат и на Франција, која посакува реприза на своето достигнување од пред две децении, кога на ЕП 2000 замина како светски шампион, на која ѝ ја додаде и европската титула. „Триколорите“ би биле првата земја на која двапати ѝ успеало тоа. Во кругот на фаворитите се Англија, која има релативно млад состав, но игра на домашен терен, потоа Белгија, која е најдобро рангираната репрезентација на светот, па Италија, која забележа максимални 10 победи во квалификациите, Шпанија, Германија… На секое ЕП имаше по некое изненадување, во 2016 година Исланд не само што беше втор во групата Ф туку ја елиминира Англија во осминафиналето, а уште еден дебитант, Велс играше во полуфиналето.


ЕП 2020, 1. КОЛО

Турција – Италија 18 ч.
Велс – Швајцарија утре
Данска – Финска утре
Белгија – Русија утре
Англија – Хрватска недела
Австрија – Македонија недела
Холандија – Украина недела
Шкотска – Чешка понеделник
Полска – Словачка понеделник
Шпанија – Шведска понеделник
Унгарија – Португалија вторник
Франција – Германија вторник