Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, по повод барањето на косовскиот премиер Рамуш Харадинај да се почне со работа на обележување на границата меѓу Косово и Србија, изјави дека „меѓу Косово и централна Србија не постои граница, туку административна линија и оти не може да дојде до демаркација“.
– Тоа е театар за дома, заостанати се во времето. Не ги навредувам, бидејќи тие не ги следат случувањата во светот. Тие го одбележуваат роденденот на Клинтон, а големи промени се случуваа во меѓународната политика. Косово е фикција, која не постои во реалната меѓународна политика – наведе Дачиќ.
Шефот на дипломатијата зборуваше и за состанокот со Сергеј Лавров, каде истакна дека Русија отсекогаш била стратешки партнер на Србија и дека состанкот бил посветен на прашањето за Косово.
– Русија е наш стратешки партнер. Имавме нивна поддршка и секогаш ќе ја имаме. Ние не можеме да се одбраниме без Русија. Не сакаме да водиме каков било дијалог без поддршка на Русија – рече Дачиќ.