По повод одбележувањето на 5 Јуни – Светскиот ден за заштита на животната средина, општина Новаци и ЈП „Комунална хигиена” од истото село спроведоа заедничка акција за чистење на дива депонија во село Гнеотино и ги дистрибуираа првите канти и контејнери за организирано собирање на комунален отпад од домаќинствата во ова
населено место, кое претходно не беше опфатено со акцискиот план за организирано собирање на комунален отпад.
– ЈП „Комунална хигиена” од Новаци ја проширува својата дејност за организирано собирање на комунален неопасен отпад од домаќинствата во уште четири населени места во Гнеотино, Брод, Бач и Живојно. Обезбедени се канти и контејнери и веќе е започнат процесот на дистрибуција на истите. Со оваа активност се трудиме да ја
подигнеме свеста кај граѓаните со цел правилно и рационално да манипулираат со отпадот со што ќе се намали создавањето на диви депонии на јавни површини,
изјави в.д. директорот на „Комунална хигиена“ Петар Велјановски.
Инаку, општината Новаци со цел да ги подобри комуналните услуги на граѓаните и да може комуналното претпријатие да ја проширува својата дејност и во други
населени места, купи ново специјализирано комунално возило за собирање на комунален отпад. М.М.