Бугарија бара гаранции во проширувањето на Европската Унија со Македонија. Ова го изјави претседателот Румен Радев, јавија бугарските агенции.
Најважната задача е да се врати полноправниот дијалог на сите нивоа меѓу Софија и Скопје, рече Радев. Тој истакна дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело Де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап.
„Овој пристап треба да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и на почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање на перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе обезбедат соодветни гаранции за нас, особено да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен “, рече Радев.
Во врска со тоа дали Скопје ги исполнува условите, според бугарскиот претседател постои цела листа на формални услови. Според Радев мора да се работиме на тоа да се осигура дека младите од двете страни не се мразат едни со други.
– Кога ја формирав привремената влада, ги задолжив привремените министри за туризам, образование и надворешни работи да размислат како да ги зближат нашите млади луѓе. Наместо да плаќаме мерки за одржување на туризмот во живот, државата треба да им даде пари на оние хотели, што ќе обезбедат целосна поддршка на децата, студентите како од Бугарија и на нашите пријатели од РС Македонија – рече Радев, додавајќи дека оваа идеја ја споделил со македонскиот претседател Стево Пендаровски за време на нивната заедничка посета на Рим.
Тоа, истакна бугарскиот претседател, ќе биде исклучително важен чекор што ќе ги отвори вратите на двете земји кон одржлива и стабилна иднина.
– Во него ќе имаме пријателство не со документи, ниту со декларации, туку вистинско пријателство и почит кон луѓето од двете страни на границата – додаде Радев.
Радев истакна дека на проширувањето не треба да се гледа механички.
– Проширувањето не е спринт каде треба да завршиме во одредено време. Ова е заедничко патување на пријателите во стабилен и неповратен процес – рече Радев.