Во моментов во камповите на Блискиот Исток има околу 200 жени и 650 деца на поранешни припадници на ИСИС што потекнуваат од 11 европски држави, а процесот за нивно згрижување во Европа е во застој. Безбедносни аналитичари советуваат како треба Македонија да се постави во однос на овие случувања
Безбедносна дилема поврзана со опасностите од тероризмот
Какви безбедносни импликации за Македонија носи можноста семејствата на поранешните припадници на ИСИС што се заглавени во бегалските кампови на Блискиот Исток да се донесат во земјава? Овие дилеми станаа актуелни во домашната и европската јавност откако во светските медиуми повторно се актуализира оваа прашање.
Во својата анализа на оваа тема, угледниот весник „Њујорк тајмс“ прашува дали европските држави треба да ги згрижат семејствата на борците на ИСИС што потекнуваат од Стариот Континент.
– Многу европски држави сѐ уште избегнуваат да ги вратат семејствата на повратниците на ИСИС во матичните земји, но има држави како Финска и Белгија што во овие моменти бараат експертски мислења и совети од организации за човекови права кој е најдобриот и најбезбедниот механизам да се спроведе репатријацијата на овие лица – пишува весникот.
Според „Њујорк тајмс“, во моментов во камповите на Блискиот Исток има околу 200 жени и 650 деца на поранешни припадници на ИСИС што потекнуваат од 11 европски држави, а процесот за нивно згрижување во Европа е во застој.
Весникот ги истакнува примерите на Франција, Германија, Британија, но и на други европски земји, кои во минатите години се обиделе, но се откажале во намерата за згрижување на овие лица, поради големиот безбедносен ризик тие да се одведат на нивни територии.
Токму овие случувања се интересни за мониторирање и од македонска перспектива, бидејќи неофицијалните бројки, кои неколкупати се спомнувани, велат дека околу 160 лица од земјава изминативе години заминале на боиштата во Ирак и во Сирија, на страната на радикалната терористичка организација ИСИС, а многу од нивните семејства најверојатно се заглавени во камповите за кои информира американскиот весник.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е и последната изјава на Борче Петревски, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, кој вели дека со националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација се предвидува индивидуален третман на сите повратници и нивните семејства.
– Секоја индивидуа ќе ја третираме на посебен начин, во согласност со процената од ризиците што ги носи со себе и она што значи нејзини потреби и барања. Процесот во кој сега сме во тек е зајакнување на капацитетите на институциите на централно и локално ниво, подигнување на свеста на заедницата за прифаќање на оваа категорија повратници во рамките на локалните самоуправи, а процесот на ресоцијализација и реинтеграција ќе биде на доброволна основа – додава Петревски.
Според него, резултатите од овие случувања би биле видливи многу повеќе наредните години.
Во меѓувреме, универзитетските професори и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме тврдат дека Македонија треба многу внимателно да се постави во овие моменти кога на глобално ниво се одлучува што ќе се прави со семејствата на борците на ИСИС.
Според нив, нашата земја, иако формално има свој механизам за репатријација и реинтеграција на семејствата на борците од ИСИС, тој сѐ уште не е системско и ефективно решение за проблемот.
Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност во Скопје смета дека нашата држава треба да биде многу внимателна во решавањето на овие безбедносни трендови, кои очигледно се актуелни во Европа и во светот.
– Македонија нема системско решение за дерадикализација на овие лица, ние во нашата држава се потпираме само на традиционалното решение за репатријација и реинтеграција на овие луѓе, што истовремено е ист механизам за ресоцијализација на обичните криминалци што се осудени и кои ја минуваат казната во нашите затвори – вели Димовски.
Според професорот, токму затоа додека не најдеме солиден механизам што работи и функционира во системот, не би требало да избрзуваме со одлуката за враќањето на семејствата на луѓето што беа индоктринирани од ИСИС.
– Самите семејства на борците на ИСИС се длабоко индоктринирани од радикалната идеологија, па нивните жени и деца се адекватно ист ризик за државата, без разлика дали тие поседуваат наш пасош или не. Во соседството, соседна Бугарија на пример им го одзема државјанството на сите оние нивни граѓани за кои ќе се утврди дека биле доброволци во војните на Блискиот Исток. И Бугарија, како Македонија, нема успешна формула за дерадикализација на овие луѓе, па сѐ додека не најде, таа не дозволува тие да пристигнат на бугарско тло – вели професорот.
Тој подвлекува дека ние не би требало да имаме толку строги правила на однесување како соседната држава, но во секој случај треба да сме крајно внимателни кон носењето на државната одлука и што е можно повеќе да се одложи нивното враќање во земјата.
Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи (ЦСА) вели дека безбедносните аналитичари и науката во светот во моментот се обидуваат да најдат успешно решение за дерадикализација на идните „терористи“, односно децата на припадниците на ИСИС што се родија во време кога оваа организација дејствуваше во Сирија и Ирак.
– Децата од овие радикализирани семејства сега имаат пет-шест години и е можно тие да се индоктринирани од најмали години и во иднина да донесат безбедносни ризици и во земјите од Блискиот Исток во кои се наоѓаат и во државите од каде што потекнуваат нивните родители. Ова случување е интересно да се следи и за нашата земја и за регионот, бидејќи од овие краишта ИСИС регрутира многу од своите припадници – вели Трајкоски.
Тој истакнува дека овие актуелни процеси во моментов се судираат со човековите права на Обединетите нации и законите на државите за регулирање на овој безбедносен проблем со борците на ИСИС.
– Верувам дека Македонија треба да пристапи внимателно кон ова прашање и да се обиде да ги дерадикализира младите индивидуи, но и сопругите на борците на ИСИС, по тертипот на механизмот што ние го поседуваме за ресоцијализација на овие луѓе повратници во Македонија – вели Трајкоски.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека треба да знаеме дека Македонија е меѓу првите држави што разработија своја национална рамка, која носи име „Целокупно општество“, а овој наш механизам своевремено кога беше публикуван беше пофален и од властите од САД.
– Ние поседуваме мултидисциплинарен пристап кон наоѓањето решенија за комплексните ризици и за потребите на оние што се враќаат дома преку процесот на репатријација, но, сепак, иако имаме сопствени замисли за тоа како треба да се реагира на овие случувања, проблемот ни оддалеку не е решен – вели Стефаноски.
Според него, неофицијално Македонија на Блискиот Исток има околу 50 лица што се дел од семејствата на некогашните борци на ИСИС.
Па, оттука, разбирливо е зошто намалувањето на безбедносниот ризик од семејствата на поранешните борци на ИСИС ќе биде безбедносно прашање на кое со сигурност ќе се работи во наредните декади, а домашните служби во моментов размислуваат како е најдобро да се постапи со овие лица.
– Формулата што ја имаме е добра, таа не е државна стратегија, но е државен план што мина во парламентот и со него имаме институционална и невладина акција, која е солидна основа. Но, сепак, кога човек говори за опасностите од тероризмот, никогаш не треба да прекине да се грижи, бидејќи тој секогаш може да ги разбранува стравовите кај сите нас ако во иднина семејствата на овие луѓе извршат терористички чин во Македонија. Тоа говори дека ние не треба да мируваме по ова прашање и не треба да избрзуваме со решението да ги донесеме семејствата од Блискиот Исток во Македонија, иако имаме солиден план за нивна рехабилитација – вели Стефановски.
Тој советува дека треба да почекаме тоа да го сторат поголемите земји од нас, да ги видиме нивните искуства и потоа и ние да дејствуваме на проблемот следејќи ги нивните примери.