Ги охрабривме сите да бидат похрабри и да создаваат опасни контранапади. Тоа беше физички тежок меч. Моравме да си помагаме, вели тренерот на Челси, Томас Тухел, по освојувањето на втората европска титула за англискиот клуб

Не знам што да кажам, тоа е неверојатно чувство. Го заслуживме тоа и сега славиме. Работев 15 години за тој момент и сега се случи тоа, изјави германскиот репрезентативец Каи Хаверц, стрелецот на голот за победа на Челси во англиското финале на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со 1-0, со Манчестер сити во Порто, за втора титула на тимот од Лондон во тоа натпреварување (првата ја освои во 2012 година).
Челси стана 13. тим што има повеќе од една европска титула и прв двократен шампион по Барселона во 2006 година. Претходните седум финалиња на Лигата на шампионите ги освои екипата што го постигна првиот гол на мечот. Манчестер сити е третиот дебитант во финалето на Лигата на шампионите во претходните три сезони.
За Хаверц тоа беше прв гол во ЛШ во неговиот 20-ти настап. За најдобар играч на финалето беше прогласен францускиот репрезентативец Нголо Канте, кој беше прогласен за најдобар играч и во двата натпревари во полуфиналето на Челси со Реал Мадрид, пишува УЕФА.

– Успеавме. Бев толку благодарен што пристигнав вторпат во финалето. Се чувствував поинаку. Можеше да се почувствува дека се приближува. Играчите беа решени да го освојат трофејот. Ги охрабривме сите да бидат похрабри и да создаваат опасни контранапади. Тоа беше физички тежок меч. Моравме да си помагаме – вели тренерот на Челси, Томас Тухел, кој екипата ја презеде во јануари годинава.
Капитенот Цезар Аспиликуета вели дека трофејот многу му значи.
– Дојдов во Челси во 2012 година, по победата во Лигата на шампионите, и секако дека сакав да го повторам тоа. Вечерва е неверојатно. Моето семејство е тука и е посебен ден – рече шпанскиот репрезентативец.
Асистент на голот за титулата беше англискиот репрезентативец Мејсон Маунт.
– Не можам да кажам со зборови. Невозможно е. Сѐ што сум сонувал е да освојам трофеј со Челси. Во овој момент, ние сме најдобриот тим во светот. Не можете да ни го одземете тоа – рече Маунт.
На Челси сега му претстои мечот од Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) со победникот на Лига Европа, шпанскиот Вилјареал, на 11 август, во Белфаст (Северна Ирска), а потоа и настап на Светското клупско првенство во декември, во Јапонија. Двата клуба ќе играат во ЛШ и во следната сезона.


ТИМОВИ СО НАЈМНОГУ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ

Реал Мадрид 13
Милан 7
Ливерпул 6
Баерн 6
Барселона 5
Ајакс 4
Интер 3
Манчестер Ј. 3
Јувентус 2
Бенфика 2
Нотингем форест 2
Порто 2
Челси 2