Како што информираат од владината прес-служба, на средбата била поздравена конструктивната улога на Македонија во регионалната политика и била изразена надеж дека преку зрели политики на меѓусебно почитување, напредок е можен.
Министерот Михаел Рот истакнал дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство, за решавање на отворените прашања со Бугарија.
Заев му се заблагодарил на министерот Рот за сите напори на германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамките на португалското претседателство.
– Северна Македонија е редок европски пример како низ соживот и јакнење на демократските капацитети, а притоа решавајќи ги и отворените прашања со соседите, прави темелни реформи за доброто на граѓаните и на нашата држава, но и во поширок контекст за граѓаните на Западен Балкан. Ќе продолжиме со конструктивните политики, со почитување и унапредување на односите со нашите соседи – нагласил Заев.