Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, го пречека претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што двајцата остварија куса тет-а-тет средба.
– Оперативно разговорите помеѓу двете наши земји ги водат владите, така ќе биде и понатаму, ние сме тука, ако можеме, да ја релаксираме атмосферата и да говориме за проблемот што постои последнава година на еден поинаков јазик. Мислам дека е потребно да направиме обнова на довербата и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања – рече претседателот Пендаровски по средбата со својот бугарски колега.
На средбата, на која се разговараше за билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, во контекст на договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете држави, двајцата претседатели изразиле цврста определба за зајакнување на добрососедските односи и унапредување на политичкиот дијалог меѓу Македонија и Бугарија.
Претседателот Пендаровски истакна дека формалниот почеток на пристапните преговори за членство на нашата држава во Европската Унија и одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија позитивно ќе влијае за стабилноста и просперитетот на целиот регион и изрази очекување за поддршка од Република Бугарија во пресрет на одржувањето на јунскиот совет на ЕУ.
Заедничкото чествување на св. Кирил и Методиј во Рим на македонската и бугарската делегација, предводени од шефовите на државите, претседателите Пендаровски и Радев, го оценија како позитивен чекор, кој придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.
По средбата одржана на Меѓународниот аеродром „Скопје“, двајцата претседатели со државниот авион на Република Бугарија отпатуваа за Рим, каде што заеднички ќе оддадат почит на делото на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, информираа од кабинетот на претседателот.