Политичките интерпретации од типот „заедничка“ или „иста“ историја се само лажна дилема. Преговорите за „националниот наратив и утврдувањето што и како ќе изучуваат учениците“ се суверено меѓународно право на секоја држава. Оттаму, „заедничката или иста историја“ е во целосна спротивност со европските демократски вредности и научни принципи. Историчарите и професорите порачуваат дека тоа треба да биде клучниот принцип што треба да го бранат македонските политичари и дипломати, со што ќе ја одбранат не само гордоста на македонската нација туку и европските демократски начела! Нашите соговорници немаат дилема дека „она што го бара Бугарија како услов за евроинтеграциите на Македонија е највулгарно поништување на македонската посебност!“

 

Идејата за „заедничка историја“ на Македонија и Бугарија – критична точка и на португалскиот предлог

Активниот став на португалското претседателство со ЕУ во насока на надминување на македонско-бугарските разлики во гледиштата на Договорот за добрососедство од 2017 година, што доведе до ситуација на бугарско вето за македонските евроинтеграции, се чини уште на почетокот се заплетка во „јазолот“ на синтагмата „заедничка историја“, употребен во членот 8 на договорот. Уште официјално непристигнат во Софија, предлогот што го носеше португалскиот министер за надворешни работи Силва, во придружба на еврокомесарот за проширување, Вархеи, речиси априори беше одбиен од бугарска страна. Навистина, официјалните изјави од претставници на бугарската техничката влада ги повторија позициите „дека го поддржуваат проширувањето на ЕУ, но не на штета на бугарските интереси“ и дека не можат да отстапат од Декларацијата на нивното собрание. Од македонска страна, пак, по неколкудневно „разгледување“ на предлогот, и понатаму не се изнесуваат детали во јавноста, но од дозираните изјави на премиерот Заев и на министерот за надворешни работи, Османи, може да се заклучи дека со португалскиот предлог ЕУ бара решение за различното читање на идејата за „заедничка историја“ во Софија и во Скопје.
– Во Договорот за добрососедство е направен компромис во делот заедничка историја. Во Договорот, членот 8 предвидува „заедничка историја“, тоа значи да се формира Комисија за историја, која врз основа на историските факти ќе изнајде заеднички решенија во делот на заедничката историја. Сега тука имаме дилеми во интерпретацијата, дали заедничката историја е ИСТА историја или ЗАЕДНИЧКА историја. Како и да е, јас сметам дека тоа е добра основа за да одиме напред заедно – кажа министерот Османи на гостување во македонски медиум.

Во досегашните толкувања на фамозниот член 8 од Договорот за добрососедство, спорот меѓу македонската и бугарската страна се „закотви“ на точката, во која бугарската страна „заедништвото“ го смета исклучиво како бугарска историја, додека македонската страна дефиницијата ја ограничува на „споделени настани и личности од историјата“. Освен што ја остави дилемата за тоа какви се шансите за некакво поместување на македонско-бугарскиот спор кога е априори одбиен од Софија, предлогот на португалското претседателство со ЕУ се чини наметнува уште поголемо недоразбирање, обидувајќи се да направи некаква дистинкција меѓу „заедничка“ и „иста“ историја.
– Јас не би навлегувал во најновите политички интерпретации рефлектирани во новокреираната дилема што е заедничка, а што е иста историја. Истите тие евидентно се последица од ќор-сокакот во кој западнаа македонските колеги од Комисијата за историски и образовни прашања, со прифаќањето на погрешната методологија за дефинирање на „заедничка“ историја при историското дефинирање на досега селектираните средновековни личности: Св. Кирил, Св. Методиј, Св. Климент, Св. Наум, цар Самуил, определени од нив за заедничко чествување. Тоа всушност беше легитимирано со одлуката на Владата од 9.7.2019 г., со која беше наложено дека при секое официјално чествување на овие договорени личности „историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“! Прифаќањето на ваквата методологија и неантиципирањето на импликациите од истата таа, го доведе македонскиот дел од комисијата, а и македонското политичко раководство, во очекуван ќор-сокак со Гоце Делчев, бидејќи неговото прогласување за дел од „заедничката историја“, ќе значи и признавање на неговиот бугарски карактер – вели историчарот Митко Панов, професор во Институтот за национална историја.

Професорот Панов потсетува дека пишувал и укажувал многупати за тоа дека чл. 8: 2 од Договорот со кој се формира комисијата, не ѝ дава воопшто мандат да ја дефинира „заедничката историја,“ ниту историски да ги (пре)оценува, дефинира и карактеризира личностите и настаните, што во форма на усвоени текстови понатаму ги доставува до владите на двете земји, како оправдување на политичките одлуки за заедничкото чествување на личностите од „заедничката историја“. Според него, членот 8:3 од Договорот, пак, воопшто не имплицира какво било инволвирање на комисијата, бидејќи договарањето „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности,“ е во исклучива надлежност на владите на двете страни.
– Друго е прашањето што членовите на комисијата ја презеле улогата на селектирање и историско карактеризирање на личностите и настаните, што во крајна линија овозможува историско легитимирање на политичките одлуки на владите за нивно заедничко прославување и тоа како дел од „заедничката историја“. Тоа, наедно ја вклучува и ревизијата на македонските учебници, за што комисијата воопшто нема мандат да преговара во согласност со Договорот, бидејќи тоа никаде не се споменува. Што е уште позначајно, членовите на комисијата немаат мандат ниту од македонската фела историчари, што ги прави нивните комисиски договори и историски интерпретации неодржливи – категоричен е професорот Митко Панов.
Понатаму, историчарот Панов вели дека „демократски општества разбирливо не познаваат практика на политички условено и наметнато ревидирање на историјата на една нација и во крајна линија и на идентитетот – во случајот македонската – и тоа како последица на утврдувањето/признавањето на некаква „заедничката историја“.

– Оттаму, политичките интерпретации од типот „заедничка“ или „иста“ историја се само лажна дилема, бидејќи преговорите за ревизија на националниот наратив и утврдувањето што и како ќе изучуваат учениците се суверено меѓународно право на секоја држава и оттаму во целосна спротивност со европските демократски вредности и научни принципи. Тоа треба да биде клучниот принцип што треба да го бранат македонските политичари и дипломати, со што ќе ја одбранат не само гордоста на македонската нација туку и европските демократски начела! – порачува универзитетскиот професор Митко Панов.
Обидот на политичарите од ЕУ да навлегуваат во историски дилеми на Балканот, односно да расчистуваат „дилеми“ за дистинкцијата на „заедничка и иста историја“, историчарката Наташа Котлар го оценува како политички невешто.
– Ако се оди по таа линија и тенденција за заедничка историја, ЕУ нека прогласи заедничка историја на цела Европа, без национални истории. Во Европа има поекстремни и поекспонирани примери на таква „заедничка историја“, со која сакаат да го затворат македонско-бугарскиот случај. Она што го бара Бугарија како услов за евроинтеграциите на Македонија е највулгарно поништување на македонската посебност. Обидот на ЕУ да посредува во таква ситуација со изнаоѓање апсурдни формулации со кои, наводно, би се задоволиле и македонските и бугарските позиции е најблаго кажано – политички невешто. Освен тоа, носењето вакви предлози само нагласува дека Македонија нема соодветно, рамноправно место на преговарачката маса. Барањето некаков еуфемизам за заедничка, т.е. бугарска историја за Македонија, не е нова формулација, туку уште едно понижување до поништување на македонската посебност – вели универзитетската професорка Наташа Котлар.
Македонските историчари сметаат дека предлозите на ЕУ за решавање на историскиот спор меѓу Македонија и Бугарија ќе создадат само нова мистификација, на штета на македонската страна.
– Како членка на ЕУ, нели Бугарија ги расчисти проблемите со соседите, уште во 1999 година, кога започна со преговори и кога потпиша Декларација за добрососедство со Македонија. Во таква ситуација се наметнува прашањето, зошто сега Бугарија (им) креира нови проблеми со соседите – прашува историчарката Котлар.


И Кирил и Методиј на линијата на огнот

На денот на сесловенските светители Кирил и Методиј, 24 Мај, Европската комисија, односно Владата на ЕУ, ексклузивно ѝ ја честита кирилицата на Бугарија. Честитката беше упатена само за Бугарија. Ваквата ексклузивна честитка на ЕК предизвика реакција на зачуденост и сомнеж кај други европски словенски земји, меѓу кои и Македонија, од една страна поради сесловенската вредност на кирилското писмо, но и поради утврдениот историски факт дека Кирил и Методиј всушност ја создале глаголицата, од која триесетина години подоцна произлегува кирилицата.
– Денес Бугарија ја слави кирилицата. Среќен 24 Мај, Бугарија! Честит празник на сите Бугари! Ние сме обединети во различностите и Европа е незамислива без своето културно богатство – напиша ЕК на својот твитер-профил.
Ваква честитка не им беше упатена на Македонија, Црна Гора или Србија, кои исто така ја користат кирилицата и го слават 24 Мај како Ден на сесловенската писменост. Гестот на ЕК делумно се објаснува со тоа што Бугарија е единствената полноправна земја-членка на ЕУ што го користи кирилското писмо, додека другите земји сѐ уште имаат кандидатски статус.

Но во светлината на актуелниот македонско-бугарски спор, поврзан со историјата и културно-историското наследство, овој гест на ЕК многумина во Македонија го протолкуваа дека Брисел одбира страна во спорот меѓу Македонија и Бугарија, која стави вето на македонските преговори со ЕУ.
– Под претпоставка дека ЕК сакала да направи гест (само) спрема своја земја-членка, честитајќи ѝ ја кирилицата на Бугарија, на 24 мај, сепак е парадоксално што тоа го прави на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кои всушност ја создале глаголицата во 863 година. Триесетина години подоцна, во 893 кирилицата произлегува како своевидна реформа на глаголицата. Можно е во Европската комисија и да не се запознаени со „деталите“ на историјата на словенската писменост, но сѐ што се случуваше во Македонија по Преспанскиот договор остава простор за сомнеж во гестовите и честитките на ЕК и ЕУ – вели Елка Јачева-Улчар, професорка од Институтот за македонски јазик.
За разлика од ЕУ, амбасадорите на Руската Федерација во Софија и во Скопје упатија честитки за Денот на словенската писменост и на Македонија и на Бугарија. Во честитката за Македонија се нагласува една постара изјава на рускиот претседател Владимир Путин на благодарност за „словенската писменост што дошла од македонската земја“. Додека во честитката за Бугарија се честита „Денот на бугарската азбука“. Ваквиот потег со честитки до Македонија и до Бугарија од дипломатските претставници на Руската Федерација предизвика поинакви дилеми и толкувања во Македонија. Според едни, таквиот чин е дипломатски баланс, но, од друга страна, на тоа се гледа и како на политичко лицемерство.

– Не верувам во „незнаење“ кога станува збор за дипломатско-политички пораки, дури и преку честитки што доаѓаат и од Западот и од Истокот. Западот, односно ЕУ си ја тера својата геополитичка стратегија, на која Бугарија ѝ е „стратегиски подизведувач“. Од друга страна, историски гледано, „голема Бугарија“ е стратегиски проект на царска Русија, но очигледно таквите стратегии се провлекуваат до денешно време. Двојните честитки, до Скопје и Софија од Москва, со содржина што би ги задоволила очекувањата и на Македонија и на Бугарија, во дипломатијата можеби се нарекуваат мудрост, но од етички аспект е лицемерство – смета универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.