Почна садењето на новата реколта тутун
Почна расадувањето на тутунот од новата реколта и тутунарите ги засадуваат скоро истите количества. За оваа година се склучени 27.650 договори со откупувачите за производство на 22.137 тони тутун. Меѓу нив и Николче Мирчески, тутунопроизводител од Прилепско, кој вели дека не се откажува од тутунот, но сака реално да е платен.
– Садам околу 25 декари тутун, како лани. Очекуваме да биде подобро годинава. Од тутунот не се откажувам, очекувам како лани производство од четири до пет тони. Времето е посушно, сметам на подобар квалитет и цена над 200 денари за килограм – вели Мирчески.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, вели дека количествата се незначително намалени и тутунарите продолжуваат да садат тутун.
– Ако лани беа договорени 22.900 тони, сега се договорени 22.137 тони. Има благо намалување. Ако годинава биде сушна, може и помалку количества да се произведат. Лани поради дождовите се произведе повеќе и имаше вишок тутун – вели Стомнароски.
Очекува постабилно и поквалитетно производство и повисока цена, а за да не се повтори ланската реколта се бараат промена на правилникот за тутун и повисоки цени. Средба со Министерството и со откупните претпријатија од Сојузот очекуваат наредниот месец.
– Очекуваме средби со Министерството за земјоделство и со откупувачите наредниот месец. Нашето барање за промена на правилникот за тутун е доставено до Министерство. Мора да се измени за да се стави крај на ценење по шифри. Мора да се укинат дополнителните класи, тутунот да се цени во три класи и една збирна, четврта класа во која ќе биде сиот друг квалитет. Има расположение – вели Стомнароски.
Кој ќе добие ваучер за летување
Годинава 1.250 граѓани со ниски примања ќе добијат ваучер и ќе може да летуваат на државен трошок. Министерството за економија објави јавeн повик на кој може да аплицираат хотелиерите заинтересирани да ги сместат домашните гости. Од домашните туристички капацитети укажуваат дека намалената бројка на ваучери нема да го даде посакуваниот ефект за закрепнување на секторот.
Минатата година не се аплицираше за ваучерите, но годинава заинтересираните треба да се пријават на повикот, кој ќе биде објавен во почетокот на јуни, а ваучерите ќе се делат по принципот прв дојден прв услужен. Лани се искористија 60 отсто од ваучерите или 65.000 ваучери. Годинава за истата намена се одвоени само 250.000 евра. Од Министерството за економија објаснуваат дека станува збор за мерка што се реализира од 2017, а минатата година поради пандемијата биле одвоени повеќе пари за помош на секторот.
Ваучерите годинава се во износ од 12.000 денари, а право да аплицираат имаат граѓаните чии приходи во семејството не надминуваат 30.000 денари.